Зошто Индија го нарече својот напад врз Пакистан „Операција Синдор“

Макфакс

07/05/2025

08:22

2.192

Големина на фонт

а а а

Индија синоќа изврши воздушни напади врз цели во Пакистан и пакистански Кашмир, а Исламабад одговори со тврдење дека соборил пет индиски борбени авиони, во најсериозниот вооружен конфликт меѓу двете нуклеарно вооружени држави во последните дваесет години.

Индиската страна објави дека биле погодени девет цели поврзани со „терористичка инфраструктура“. Нападот беше наречен „Операција Синдор“.

Индиските медиуми објавија дека името „Операција Синдор“ е референца за синдор, црвен прав што жените во Индија го носат во косата како знак дека се во брак.

Се нанесува при разделба на косата и често е дел од хиндуистичките обичаи и ритуали, особено на свадбите. Мажените жени го нанесуваат секојдневно, додека вдовиците не.

За време на терористичкиот напад во Пахалгам, минатиот месец, неколку жени ги загубија своите сопрузи кои беа убиени пред нивни очи. По нападот, фотографија од жена која седи во шок покрај телото на својот сопруг стана вирална на социјалните мрежи во Индија. Сцената стана симбол на терористичкиот напад во кој беа убиени 26 лица.

Жената на фотографијата е Химанши Нарвал. Таа беше во брак со 26-годишниот поморски офицер Винај Нарвал помалку од една недела. Двојката била на меден месец кога Винај бил убиен.

Индиските медиуми објавуваат дека „изворот“ тврди дека името Операција Синдор има за цел да ги хуманизира жртвите и да се осигури дека нивната жртва нема да биде заборавена.