Димитриеска-Кочоска се сретна со турскиот министер за трезор и финансии Шимшек: Договорено интензивирање на соработката меѓу двете министерства

Макфакс

06/05/2025

11:10

242

Големина на фонт

а а а

Интензивна соработка помеѓу двете министерства во областа на даночната политика и борбата со финансискиот криминал е договорена на средбата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со турскиот министер за трезор и финансии Мехмет Шимшек, на која присуствуваа и директорите на УЈП Елена Петрова и на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски.

Даночните управи, како што е договорено на состанокот во Министерството за финансии на Турција, ќе работат на директна размена на информации за даночни ризици, заеднички даночни контроли и слични заеднички активности за мониторирање на активностите на поврзани даночни обврзници што може да влијаат врз плаќањето на даноците во двете земји.

Министерката потенцира дека Управата за јавни приходи игра значајна улога во прибирање на приходите во Буџетот и дека се многу значајни сите активности и мерки што се преземаат, а се во насока на зголемување на ефикасноста во прибирањето на даночните приходи, како и примена на меѓународни искуства.

Во таа насока е утврдена и потребата за идна соработка на Управата за финансиска полиција со Одделот за истраги на финансиски криминал преку споделување знаења и искуства за добри пракси. Воедно беше потенцирана и важноста на брза и ефикасна размена на податоци и информации, како и градење на институционалните капацитети преку размена на знаења и искуства.

Двајцата министри разменија мислења во однос на актуелните состојби на глобално ниво и мерките што се преземаат за справување со предизвиците.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во рамки на работната посета на Турција, вчера оствари средба во Министерството за трговија, со министерот Омер Болат, а утре ќе учествува на Евроазискиот економски форум. Во составот на делегацијата којашто ја предводи министерката се државниот секретар во МФ Андриана Матлиоска, Катерина Антовска, шеф на кабинет и посебен советник во МФ, како и директорите на Управата за јавни приходи Елена Петрова, на Царинската управа Бобан Николовски и на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски.