Муртезани по преземањето на претседавањето со ЕУСАИР: Ќе градиме не само патишта, туку и мостови на разбирање и солидарност

Макфакс

06/05/2025

14:57

242

Големина на фонт

а а а

Република Северна Македонија, претставена преку министерот за европски прашања, Орхан Муртезани и заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, по денешната церемонија на примопредавање напретседателството со Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот регион (ЕУСАИР) на Крит, од денес претседава со Јадранско-јонската иницијатива и ЕУСАИР.

Министерот Муртезани, на церемонијата на примопредавање нагласи дека интеграцијата во Унијата не претставува само надворешна политика, туку, дека тоа е приказна на една генерација, потенцирајќи дека улогата на Северна Македонија во ЕУСАИР не е симболична, туку суштинска.

Во обраќањето пред регионалните партнери и претставници на Европската комисија, Муртезани најави дека новото Претседателство ќе се фокусира на поврзаноста како двигател на развојот: „Поврзаноста не се мери само со километри автопати или гигабајти интернет. Таа се мери и со довербата што ја градиме едни кон други,“ рече тој.

Како координирачка земја на Столб 2 – Поврзување на регионот, Северна Македонија ќе работи на зајакнување на инфраструктурните, дигиталните и социјалните врски меѓу земјите во Јадранско-јонскиот регион: „Ќе градиме не само патишта, туку и мостови на разбирање и солидарност.“

Претседателството ќе се фокусира и на одржливиот развој, иновациите и сината економија, продолжувајќи ги приоритетите воспоставени од Грчкото претседателство.