Зеленски: За Украина во ЕУ треба да одлучи Европа, а не некој поединечен манипулатор

Макфакс

05/05/2025

17:38

314

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес неколку пати им се заблагодари на Чесите и нивната влада за помошта што ѝ ја дадоа на неговата земја од почетокот на рускиот напад и за поддршката на напорите Украина да се приклучи кон Европската Унија, за што, како што рече, ќе одлучи Европа, а не поединец подготвен за манипулација.

„Чешка го поддржува влезот на Украина во ЕУ. Ние сме подготвени да ја отвориме првата рунда преговори. Но, тоа треба да биде одлука на цела Европа, а не на поединец кој е подготвен да манипулира со Европа“, рече Зеленски на прес-конференција по средбата со чешкиот премиер Петр Фијала.

Украинскиот претседател нагласи дека војната што се води во неговата земја не е војна за судбината само на еден народ, туку за слободата на неколку народи.

„Тие можат да ги менуваат знамињата на московските тенкови, да нацртаат нешто друго, но сепак се обидуваат да ги контролираат другите нации. Русија ги отфрла сите предлози за реално и одржливо примирје. Затоа разговаравме за понатамошен притисок врз Русија. Санкциите треба да останат и да бидат заострени сè додека Русија ја одложува и зајакнува својата агресија“, рече Зеленски.

Чешкиот премиер Петр Фијала му даде гаранции на Зеленски дека Чешка ќе продолжи да ја поддржува Украина и да ѝ помага воено, како со продолжување на Чешката иницијатива за муниција за Украина, така и со обука на украински пилоти во базите во Чешка.

„Во рамките на Иницијативата за муниција за Украина, успеваме да обезбедиме испораки. Од почетокот на годината до денес, испративме половина милион парчиња артилериска муниција во Украина, се надевам дека ќе ја исполниме целта за оваа година. До денес, посредувавме во испораката на над 2.000 парчиња тешка воена опрема, вклучувајќи 300 тенкови и 250 ракетни лансери“, рече Фијала.

„Од нашето искуство знаеме дека отстапките кон агресор никогаш не се добар пат. Го уверив Зеленски дека ќе продолжиме да стоиме зад Украина. Свесни сме дека Украина не само што ја брани својата територија, територијален интегритет и независност, туку ја брани и безбедноста на цела Европа“, рече Фијала.

„Ние поддржуваме такво решение кое нема да биде оспорено и кое нема да значи успех на агресивната политика на Русија. Активни сме во „коалицијата на оние што се волни“ и сме подготвени да помогнеме и сега и во време на мир, бидејќи веруваме дека најдобрата гаранција и за Украина и за Европа е силна, добро вооружена армија создадена со наша помош“, рече Фијала.

Од вчера, Зеленски е во дводневна посета на Прага, за време на која се среќава со целиот чешки државен врв, а разговараше и со претставници на чешката воена индустрија.