[ФОТО/ВИДЕО] „Апокалипса“ во Саудиска Арабија: Застрашувачка бура „проголта“ град

Точка

05/05/2025

21:23

1.124

Големина на фонт

а а а

Вонредни протоколи биле воведени ширум Саудиска Арабија, Кувајт и Јордан откако застрашувачка песочна бура зафати и „проголта“ цел град.

„Ѕид од прашина“ ја зафати покраината Ал Касим во централна Саудиска Арабија, блокирајќи ја сончевата светлина и издигнувајќи се над жителите, пренесе „Дејли мејл“.

Снимките споделени на социјалните мрежи покажаа како небото станало светло портокалово додека песочната бура го „голтала“ градот, намалувајќи ја видливоста на речиси нула.

Мештаните тврдат дека бурата дошла „без никакво предупредување“ и ја опишуваат како нешто од „апокалиптичен филм“.

„Беше толку темно во Ал Касим што изгледаше како некој да ги изгасил светлата“, напиша еден сведок на социјалните мрежи, додавајќи дека и дрвјата „се урнале како домино“.

Друг корисник денеска рече дека патиштата и понатаму се празни, а жителите се заклучени во своите куќи поради бурата, која оставила „трага на хаос“ и „не покажува знаци на смирување“.

На сила се црвени аларми

Саудиска Арабија, како и соседните Кувајт и Јордан, моментално се под црвени предупредувања за силни ветрови и обилни врнежи од дожд што носат ризик од бури, ненадејни поплави, град и други потенцијално опасни временски услови во текот на наредните денови.

Националниот центар за метеорологија на Саудиска Арабија ги повика граѓаните да бидат внимателни, да го ограничат патувањето и да избегнуваат отворени простори за време на бурите – кои се очекува да траат до средина на неделата.


Песочната бура сериозно го наруши сообраќајот – два лета од Египет до Кувајт морале да бидат пренасочени кон Дамам во Саудиска Арабија во неделата, пренесе „Галф њуз“.

Кувајтските пристанишни власти ги затворија пристаништата Шувејк и Шуаиба за да ги заштитат работниците и инфраструктурата. Операциите, според извештаите, продолжиле и во понеделник наутро.

Евакуирани туристи

Стотици туристи биле евакуирани од Петра, познат археолошки локалитет во југозападната јорданска пустина, во неделата откако поплавите го погодиле подрачјето.

Според извештаите во моментот кога биле активирани протоколите за итни случаи, на местото имало повеќе од 1.700 посетители.

Клучните знаменитости, како што се Ал Хазна, Ал Сик и Eд Деир, исто така биле евакуирани поради зголемувањето на нивото на водата.

Најмалку две лица ги загубија животите во поплавите, вклучувајќи една Белгијка и нејзиниот син кои биле на авантуристичка тура во областа Вади ал-Нахил, популарно речно корито во близина на јорданскиот град Маан, а две од нејзините деца преживеале, пренесе „Галф њуз“. Спасувачките екипи и понатаму трагаат по преживеани.

Инцидентите со заробени туристи биле пријавени и во Тафила и Ал Хаса.