Премиерот Христијан Мицкоски денеска им честита на градоначалниците за работата и за резултатите кои, како што рече, ги испорачуваат на граѓаните во општините во кои што се градоначалници и Штип и Карбинци.
„Истовремено, им честитам и на советите и на администрацијата што ја следат работата на градоначалниците и убеден сум дека во годините кои што следат ќе испорачаме уште многу резултати насекаде низ целата територија на Македонија, во сите општини, затоа што наш приоритет претставува квалитетот на живот на нашите граѓани. И без разлика дали се тоа општини каде што има градоначалник од редовите на владејачкото мнозинство или пак од опозицијата или пак некој независен градоначалник, оваа Влада е посветена целосно на овие речиси 26.000 квадратни километри на секое парче да инвестира“, рече Мицкоски.
Премиерот се заблагодари и на колегите од Владата за „неуморната работа, за енергијата, за ентузијазмот, за инспирацијата која што ја имаат и проектите што ги реализираат. Не само на централно ниво, туку и, помагајќи ги општините, на локално ниво“.
„Знам дека уште многу убави работи во периодот што следи ќе објавивме заедно за граѓаните, а посебно за Штип и општините околу Штип. Така што со несмалена динамика продолжуваме да испорачуваме.
Голема благодарност и до пратениците во македонското Собрание кои што навистина со својата работа исто така инспирираат, работат, се борат за своите општини, за проект повеќе. И убеден сум дека една ваква хармонија на локално, на централно ниво и во рамките на Парламентот со огромното мнозинство коешто го има оваа влада, ќе продолжи и во иднина и ќе испорачаме за доброто на сите граѓани, за подобар живот. Впрочем, тоа беше и нашата цел, еве речиси една година од изборите, да биде Македонија повторно на граѓаните. И мислам дека до сега успеваме да ја вратиме“, изјави Мицкоски.