Мицкоски му даде две опции за избор на Таравари, да остане во Влада или да оди со ДУИ: Во политиката образот или го имаш или го немаш

Макфакс

05/05/2025

13:19

1.234

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски денес во Штип потврди дека попладнево ќе се сретне со лидерот на едно крило од Алијанса за Албанците и актуелен министер за здравство Арбен Таравари. На средбата премиерот очекува Таравари да каже дали ќе остане во Владата или ќе оди со ДУИ, оти според него, трета опција нема.

„По мене, има две опции за избор. Едната опција е оваа која што ја нуди оваа Влада на реформи, на промени, на испорака за граѓаните и втората опција е онаа опција која што години наназад, би рекол повеќе од две децении, ја криминализираше државата, ги уништуваше институциите и практично ја клекна државата и граѓаните. Тоа е изборот, нема трета опција. Би сакал да слушнам од господинот Таравари која опција е за него, бидејќи јас не гледам трета опција. Што се однесува до моите лични односи со господинот Таравари, ние во политиката комуницираме долго време. Како за човек имам позитивно мислење за господинот Таравари, но во политиката образот е нешто што го имаш или го немаш, тука нема флуидни варијанти. Или имаш или немаш или држиш до зборот или не држиш до зборот“, рече премиерот Мицкоски.

Неколкупати досега Мицкоски рече дека лично покажал дека држи до зборот што го дава оти го поддржал Таравари дури и во моменти кога во партиското раководство имало дилема.


„Заткулисни игри се провидни игри, лесно се идентификуваат и препознаваат и најчесто ваквите заткулисни игри им се удираат од глава на оние кои ги прават. Никого во животот не сум го молел, ниту пак имам намера некого да молам. Со или без господинот Таравари, Владата е стабилна, цврста и со големо мнозинство. Останува на него и на неговите сопартијци да одлучат дали ќе одиме заедно по патот на реформи, владеење на право, борба за праведно општество, институции кои ќе функционираат или ќе се придружат и ќе коалицираат со оние политички сили кои со години, би рекол неколку децении ја криминализираа и ја уништија државата. Изборот е нивен“, рече премиерот Мицкоски.

Средбата ќе биде денес во 17 часот во Владата. Откога не прифати и неговата партија да остане во Вреди која прерасна во еден политички субјект, коалиционите партнери кои го донесоа на власт Таравари почнаа да го обвинуваат дека преговара со ДУИ за претстојните локални избори. Таравари, пак, кажа дека на изборите оди со сопствени листи за советници, а најверојатно ќе оди и со сопствени кандидати за градоначалници.