Полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш во Радовиш ги лишија од слобода лицата С.Р.(32) и С.А.(28) и двајцата од Радовиш.
Како што информира МВР, лицата се осомничат дека во текот февруари, март и април годинава извршиле 14 кривични дела „тешка кражба“ во колонијални продавници и маркети во населени места на подрачје на Струмица. Констатирано е и дека извршиле три кривични дела – „одземање на моторно возило“, од кои две во Радовиш и едно на подрачје на Штип.
На 2 мај 2025 година врз основа на судски наредби биле извршени претреси во домовите на лицата, при што биле пронајдени предмети кои што ги одзеле при вршење на тешките кражби, како и делови од облеката што ја носеле при вршење на делата. Со лицата биле извршени службени разговори, при што С.А. признал дека учествувал во дел од извршените кривични дела.
Лицата се задржани во полициска станица и бил известен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По преземените мерки С.Р. врз основа на судска наредба на Основен суд Радовиш бил спроведен во Затвор Струмица за издржување казна затвор за кривични дела кои ги имал сторено претходно.
По целосно документирање на случаите против лицата ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното Јавно обвинителство.