„New Lines Magazine“ американски истражувачки медиум познат по својот аналитички пристап кон безбедносните и надворешнополитичките теми, објави детално истражување во кое наведува дека руските разузнавачки служби сè повеќе ги користат децата и ранливите групи како несвесни бомбаши самоубијци во војната против Украина.
Методите што ги користи Москва се споредуваат со тактиките на терористичките организации како што се Ал Каеда и Исламска држава.
Експлозија на Денот на вљубените: Бомба активирана со далечински управувач
Во Миколаев на 14 февруари, жена на средна возраст ја оставила својата чанта покрај група украински војници пред едно кафуле. Неколку секунди подоцна, руски агенти од далечина детонирале бомба скриена во торбата, при што ги убиле жената и тројцата војници.
Руските медиуми, вклучувајќи ја и „Известија“, пишуваа за „одмаздољубива мајка“ чиј син наводно загинал во војната, а наводната цел биле воени регрутери. Украинските власти го негирале ова, наведувајќи дека убиените војници биле членови на инженерски единици за деминирање.
Жена, 42-годишна мајка од Полтавскиот регион, го оставила своето живо новородено бебе во блискиот хостел. Таа била регрутирана преку апликацијата Телеграм, под изговор дека пренесува голема сума на пари. Бомбата ја направила група тинејџери, исто така од регионот Полтава, кои работеле под раководство на руски оперативци. Експлозивната направа ѝ била предадена на жената, а агентите ја детонирале од далечина кога таа стигнала до својата дестинација.
Двајца тинејџери биле разнесени во Ивано-Франкивск
Еден месец подоцна, во март, 15-годишник и 17-годишник во Ивано-Франкивск носеле слични експлозиви. Верувале дека ќе бидат платени за тоа. Кога се приближиле до целта, руските агенти ја активирале бомбата, убивајќи го постариот и сериозно повредувајќи го помладиот тинејџер, пишува „New Lines“, пренесе „Index.hr“.
Безбедносната служба на Украина (СБУ) и Националната полиција сега спроведуваат обуки во училиштата, предупредувајќи ги учениците дека руските агенти нудат пари за „безопасни задачи“ преку социјалните медиуми.
„На пример, непознато лице ве контактира преку социјална мрежа и ви нуди пари за едноставна задача. Притоа тврдат дека тоа не е опасно. Русите можат да користат и уцени, закани, па дури и да ви го хакираат телефонот“, изјави Јулија Гирдвилис, портпаролка на Националната полиција, за време на предавањето во училиште во Киев.
Ученичката (14) била контактирана од Русите, но одбила да соработува, а тие се заканиле дека ќе објават нејзини интимни фотографии.
Во Тернопил, руски агент контактирал 14-годишна ученичка преку Телеграм. Кога таа одбила да соработува, агентите ѝ го хакирале телефонот и ѝ се заканиле дека ќе ги објават нејзините интимни фотографии.
Под притисок, таа составила импровизирана експлозивна направа и се обидела да ја остави во близина на полициската станица. Била уапсена од украинските безбедносни служби.
Експлозии ширум земјата, насочени кон воени објекти
Во Ривно, на 1 февруари, 21-годишен маж детонирал бомба во канцеларијата за регрутирање, под надзор на руски агенти кои го следеле преку видеоповик. Тој загинал на самото место. Четири дена подоцна, во Камјанец-Подилски, еден човек им предал пакет на украинските војници, а руските агенти потоа го детонирале, убивајќи го човекот и ранувајќи четворица војници.
„Заедно со Украинската служба за безбедност, јасно препознаваме дека ова е насочена операција на рускитеслужби со цел создавање недоверба во општеството и предизвикување негативен став кон безбедносните и одбранбените сили“, изјави за „NLM“ Иван Вихивски, началник на украинската национална полиција.
Нападите се фокусирани на воени објекти и центри за регрутирање, што властите го толкуваат како обид за искористување на незадоволството од мобилизацијата на дел од населението.
Телеграм кампањи и руски мрежи во Европа
Во Велика Британија, руските Телеграм канали повикувале на напади врз џамии и ширеле расистички пораки, со ветувања за исплати во криптовалути. Британските власти ги сфатиле заканите сериозно: шефот на „MI5“, Кен Мекалум, во октомври 2024 година предупреди дека ГРУ се обидува да предизвика „траен хаос на европските улици“.
Од почетокот на руската инвазија во 2022 година, имало најмалку 59 регистрирани операции од страна на руската разузнавачка мрежа во Европа, вклучувајќи обиди за атентат, саботажи и сајбер напади. Чешките власти пријавиле до 500 вакви случаи само во 2024 година.
Зад бројните напади стои Единицата 29155, елитната единица во рамките на ГРУ, одговорна за труењето на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Англија во 2018 година и повеќе саботажи во магацини со оружје низ Европа. Од 2023 година, групата работи во рамките на новиот ентитет на Одделот за специјални задачи, именуван по поранешната единица на КГБ специјализирана за политички атентати.
„Целта е да се дестабилизира Западот“
„Овие напади се дизајнирани да бидат под прагот на она што се смета за војна, но тие се во потполност дел од руската стратегија“, рече Алекс Финли, поранешна агентка на ЦИА.
„Тие имаат за цел да го дестабилизираат Западот одвнатре и да ја намалат неговата подготвеност да ѝ помогне на Украина“, додаде Финли за „New Lines“.
Децата и ранливите групи како алатки на руската разузнавачка служба
„Најмалку една петтина од сите вакви инциденти вклучуваат деца“, изјави Љубов Цибулска, украинска експертка за руско хибридно војување, за „New Lines Magazine“.
„Речиси сите деца во Украина го користат Телеграм, а многу од нив живеат во сиромаштија или во дисфункционални услови. Ваквите околности се цел на руските агенти. Ним им е сеедно, ги користат најранливите: жените, децата, зависниците од дрога. Ова е застрашувачки ефикасна и крајно цинична тактика“, додаде Цибулска.
Украинските власти започнале национална кампања во училиштата, повикувајќи ги децата да пријават каква било сомнителна комуникација.