Половина од членките на ЕУ бараат изземање од буџетските правила за да инвестираат во одбраната

Макфакс

01/05/2025

08:21

419

Големина на фонт

а а а

Околу половина од земјите-членки на ЕУ одлучија да ја искористат можноста за ослободување од буџетските правила со цел да ги зголемат инвестициите во одбраната, при што Европската комисија (ЕК) наведува дека ги има дванаесет, а според Советот на ЕУ, пак, нивната бројка е 16.

Двете тела издадоа соопштенија со различен број земји-членки со кои ја активираа клаузулата за национално отстапување од буџетските правила.

Според соопштението на Ссоветот, станува збор за Белгија, Бугарија, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Хрватска, Германија, Грција, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Португалија, Словачка и Словенија.

Листата на ЕК не ги вклучува Бугарија, Хрватска, Литванија и Чешка, кои инаку се наоѓаат на листата на Советот.

ЕК во средата објави дека ќе одлучи за барањата на земјите-членки до 4 јуни, кога планира да го објави пролетниот пакет од Европскиот семестар.

Извршното тело на ЕУ минатиот месец предложи можност за отстапување од буџетските одредби за да се поттикнат поголеми инвестиции во одбраната.

Според фискалните правила, буџетските дефицити на земјите-членки не треба да надминуваат три проценти од БДП, а јавниот долг не треба да надминува 60 проценти од БДП. ЕК предложи во следните четири години, земјите-членки да можат да трошат дополнителни 1,5 проценти од БДП годишно за одбрана без опасност против нив да биде покрената постапка за кршење на правилата.

Според проценките на ЕК, доколку сите земји-членки ги зголемат своите инвестиции во одбраната за 1,5 проценти од БДП годишно, износот би достигнал 650 милијарди евра. Покрај тоа, комисијата предложи програма за заем од 150 милијарди евра за заеднички одбранбени проекти.