Формирана Меѓупартиска парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од Берлинскиот процес

Макфакс

30/04/2025

15:22

201

Големина на фонт

а а а

Денеска, во Собранието, се одржа конститутивна седница на Меѓупартиската парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од Берлинскиот процес и реформската агенда од планот за раст.

Иницијативата за оваа Група беше поднесена во октомври минаната година и таа беше прифатена од сите партии. На денешното нејзино конституирање формално за нејзин претседател едногласно беше избран потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, на предлог на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Милошоски се заблагодари за довербата и вети што повеќе активности на Групата. Тој истакна дека формирањето на оваа Група е од исклучителна важност за Собранието за обезбедување парламентарен надзор и поддршка во спроведувањето на клучните реформски обврски што произлегуваат од Берлинскиот процес и новата реформска агенда од планот за раст како стратешки приоритети на државата. Во насока на нејзино поуспешно дејствување предложи членување не само на моментните 29 пратеници, туку и на невладини организации.

Меѓупартиската парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од Берлинскиот процес и реформската агенда од планот за раст ќе се занимава со:

· степенот на реализација на обврските поврзани со заедничкиот регионален пазар;

· јавните и надзорните расправи со претставници на извршната власт, а во врска со проектите што се дел од целите на Берлинскиот процес;

· претставување на Собранието на регионални и меѓународни настани организирани во рамките на Берлинскиот процес;

· други активности поврзани со планот за раст на Европската комисија.

Во Берлинскиот процес учествуваат 9 земји членки на ЕУ, како и Велика Британија, а од пред една година не се вклучени само владите, туку и парламентите. Во моментот со Берлинскиот процес претседава Германија, но од јуни претседавањето ќе го презеде Велика Британија.