На вчерашната собраниска седница, владејачкото мнозинство повторно не ја надмина својата партиска суета и не гласаше за предлог-законот на Левица за денови на жалост, соопштија од партијата.
„Бидејќи во Македонија никако не е регулиран медиумскиот простор при денови на жалост, пратеничката група на Левица поднесе законско решение за регулирана медиумска програма без забавни и политички содржини за време на деновите на жалост, како и за воведување едноминутно молчење и санкции за недолично однесување“, наведуваат од партијата.
Пратеникот Амар Мециновиќ од Левица, образложувајќи го предлогот, истакна дека „тагата не смее да биде дел од политички наратив“ и дека со законот се бараат јасни и унифицирани критериуми за прогласување денови на жалост, кои не би зависеле исклучиво од одлуката на Владата.
При образложување на предлог-законот, пратеникот Мециновиќ потенцира дека овој закон не навлегува во правото на слобода за изразување и во регулирањето на приватните субјекти, туку ги подразбира измените кои ќе дозволат како нација да ја доживееме тагата во која што сме се нашле и да се дозволи на вистински начин да закрепнеме од колективните трагедии.
Предлогот се однесува на јавниот и на институционалниот домен, со фокус на одбележување трагични настани на национално и локално ниво.
Во предлогот стои дека целта на законот е обезбедување на правна основа за правилно одбележување на деновите на жалост на национално и локално ниво, преку организирано, унифицирано и достоинствено одбележување на трагични настани кои влијаат на националната и колективна меморија на државата, преку достоинствено оддавање почит кон настраданите и нивните блиски, како и поттикнување на човечноста, солидарноста и на националното единство.
„Жално е што дури и при една катарза кое му се случи на македонското општество, власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за конструктивно законско решение, кое треба да го пополни правниот вакуум каде Македонија е ретка држава која нема Закон за денови на жалост“, велат од Левица.