Келог: Русија нема да ја добие војната

Макфакс

30/04/2025

15:24

391

Големина на фонт

а а а

Украинската и американската страна составија список на услови за прекин на војната што вклучува 22 многу специфични дејствија, изјави специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог.

„На Украинците не им се допаднаа сите услови, но никому нема да му се допадне конечниот став што ќе го заземете. Тоа е во ред кога имате преговори. Но, ние сме во прилично добра позиција со нив“, изјави Келог за „Фокс њуз“.

Одговарајќи на изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека Русија ќе ја добие војната против Украина, Келог рече дека тоа не одговара на реалноста.

„Руската Федерација нема да ја добие оваа војна. Русија не постигна никаков напредок во последната година и пол. Тие изгубија стотици илјади војници, напредуваат во метри, а не во километри. А Украинците се борат жестоко на своја почва. Значи, кога Руската Федерација вели дека победува, тоа не е така“, рече Келог.

Тој оцени дека Русија треба да ја признае промената на околностите, односно дека Украина, според него, добро се држи, дека европските партнери зајакнуваат и формираат нови сили без помош на САД.

„Тие сега се подготвени да ја засилат поддршката за Украина доколку е потребно“, верува Келог.

Како што изјави тој, војната нема да заврши „воено“, туку само по дипломатски пат.

„Украинците сега добро го разбираат ова, а и Русите треба да го разберат“, рече тој.