Се огласи првата антикорупционерка Димитровска: Не одавав службени тајни, само комуницирав со семеен пријател пред да биде осомничен во „Адитив“

Нетпрес

30/04/2025

12:50

838

Големина на фонт

а а а

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) Татјана Димитровска вели дека не праќала тајни податоци на обвинет во случајот „Адитив“ туку тој ѝ бил семеен пријател и комуницирале како пријатели. Во соопштението до јавноста, Димитровска вели дека секој е невин додека не се докаже спротивното.

Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција еден од обвинетите комуницирал со претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Нивната комуникација открила дека Татјана Димитровска со него споделувала сензитивни информации кои не смеела да ги сподели.

„Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈО ГОКК“, соопштија од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.


Татјана Димитровска во период од осум месеци од мај до декември 2024 година во два наврати го известила Стојановиќ за постапки во комисијата поврзани со него. Осомничена е за „Оддавање службена тајна“ заедно со поранешна финансиска директорка во ТЕЦ Неготино.

„Мојата комуникација со семеен пријател, кој подоцна стана обвинет во случајот ‘Адитив’, се одвивала во период пред да започне постапка за него пред надлежното обвинителство. Од соопштението од ОЈО за ГОКК се согледува дека нашата комуникација траела до декември 2024 година, или пред да му е изречена мерка притвор по оваа мерка кон него, јас престанувам со комуникација. Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот предметот ‘Адитив‘. Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавност, а останатиот дел е вообичаена пријателска комуникација. За оваа моја комуникација изразувам жалење и укажувам дека е направена без никаква намера да влијаам на постапката или на било кој аспект на истрагата.Ова го тврдам одговорно“, вели Димитровска.


Димитровска вели дека целосно ќе соработува со надлежните правосудни органи и очекува брза и транспарентна разрешница на настанот.

„До конечно изјаснување на Обвинителството нема да давам дополнителни јавни изјави, освен ако тоа го наложат околностите, водејќи се од интересот на институционалниот интегритет и транспарентност. Очекувам до тогаш да се почитува интегритетот на ДКСК, мојот и интегритетот на моето семејство“, додава Димитриевска.