Американскиот логистички гигант УПС вчера објави отпуштање на околу 20.000 работници и затворање на повеќе од 70 објекти низ САД, како дел од големата реорганизација на бизнисот поради падот на соработката со Амазон и зголемувањето на трошоците поврзани со царините наметнати од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Компанијата планира да затвори вкупно 73 изнајмени и во сопственост згради оваа година, а можни се и дополнителни рационализации, соопшти УПС.
„Мерките што ги преземаме за реорганизирање на нашата мрежа и намалување на трошоците доаѓаат во критично време“, изјави главниот извршен директор на УПС, Керол Томе. „Макроекономските услови може да бидат неизвесни, но благодарение на нашите потези, UPS ќе излезе од оваа фаза посилна и поагилна.“
Во јануари, УПС објави дека постигнал договор со Амазон, нивниот најголем клиент, со кој се намалува договорениот обем на испораки за повеќе од 50 проценти до втората половина на 2026 година.
За време на презентацијата на резултатите од четвртиот квартал, Томе потоа нагласи дека партнерството со Амазон траело речиси 30 години, но дека тие одлучиле да го преиспитаат односот. „Амазон е нашиот најголем клиент, но не е и најпрофитабилен“, рече Томе. „Неговата маржа е сериозно штетна за профитабилноста на нашиот бизнис во САД.“
Таа додаде дека компанијата разгледала различни опции и заклучила дека намалувањето на обемот на испорака е најдобриот избор. Според податоците од финансиската платформа FactSet, УПС вработува околу 490.000 луѓе ширум светот.
Во својот говор на 2 април 2025 година, кој го нарече „Ден на ослободувањето“, американскиот претседател Доналд Трамп откри нова стратегија за трговска политика, воведувајќи сеопфатни царини за увоз.
Овие мерки, кои тој ги опиша како „декларација за економска независност“, вклучуваа основна царина од 10% за целиот увоз, со дополнителни, повисоки стапки за поединечни земји, како што се 145% за кинески производи.
Трамп тврдеше дека царините ќе го поттикнат домашното производство, ќе создадат нови работни места и ќе генерираат „милијарди долари“ за намалување на даноците и националниот долг. Сепак, овие мерки предизвикаа загриженост за можно зголемување на потрошувачките цени и глобалните трговски тензии.
По победата на претседателските избори, Трамп го објави почетокот на „златното доба на Америка“, ветувајќи економски бум преку политиката „Америка на прво место“.
Неговите мерки, вклучително и воведувањето царини, имаа за цел заштита на американските работници и индустријата. Сепак, економските аналитичари предупредуваат дека овие политики би можеле да доведат до зголемени трошоци за потрошувачите и потенцијално забавување на економскиот раст.
Финансиските пазари реагираа негативно на најавата за царините, а инвеститорите изразија загриженост за можното влијание врз глобалната трговија и економската стабилност.