Кој е Марк Карни? – Новиот канадски премиер кој оствари голема победа на изборите

Точка

29/04/2025

21:30

1.078

Големина на фонт

а а а

Марк Карни, поранешниот гувернер на Банката на Англија, победи на изборите во Канада и стана нов канадски премиер.

Меѓутоа тој положи заклетва на функцијата минатиот месец откако неговиот претходник поднесе оставка, но потоа распиша предвремени избори, поради што Канаѓаните вчера повторно излегоа на гласачките места.


Богато искуство во финансискиот сектор

Карни бил првиот небританец на чело на британската централна банка по повеќе од 300 години, а претходно ја водел својата татковина низ финансиската криза во 2008 година како гувернер на Банката на Канада.

За разлика од повеќето политички кандидати, Карни никогаш не извршувал политичка функција. Сепак, тој убедливо победи на внатрепартиската трка на Либералната партија за наследник на Џастин Трудо на почетокот од март, а сега е избран по волја на граѓаните.

Во кампањата, тој се повика на своето искуство во справувањето со глобалните економски кризи, надевајќи се дека Канаѓаните ќе го препознаат како лидер способен да се спротивстави на американскиот претседател Доналд Трамп, кој воведе трговска војна против Канада.

Од стипендист на Харвард и хокеар до гувернер на централните банки

Иако работел во Њујорк, Лондон и Токио, Карни е роден во оддалечениот Форт Смит, во северозападните територии на Канада.

Неговите предци потекнуваат од округот Мајо, Ирска, поради што покрај канадското тој има и ирско државјанство. Исто така тој доби британско државјанство во 2018 година, но неодамна изјави дека има намера да се откаже од него, сметајќи дека премиерот треба да има исклучиво канадско државјанство.


Син на директор на средно училиште, тој студирал на Харвард со стипендија, каде што играл хокеј на мраз.

Во 1995 година, Карни докторирал економија на Универзитетот Оксфорд, каде што истражувал како домашната конкуренција може да ја зголеми националната конкурентност – тема што повторно стана релевантна поради американските царини.

„Марк беше исклучително сестран студент, брз во усвојувањето нови пристапи и перспективи“, изјави неговата поранешна менторка Мег Мејер, во соопштението на Универзитетот Оксфорд по неговата изборна победа.

Иновативен пристап кон банкарството

Карни го напуштил приватниот сектор во 2003 година за да стане заменик-гувернер на Банката на Канада, а потоа беше заменик-министер за финансии.

Во 2007 година, тој бил назначен за гувернер на Банката на Канада непосредно пред почетокот на глобалната финансиска криза. Неговото лидерство беше пофалено поради ублажување на ефектите од рецесијата.

За разлика од традиционално воздржаните централни банкари, тој отворено ја искажа својата намера да ги одржи каматните стапки ниски најмалку една година по драстичното намалување, со што ги поттикна инвестициите во економијата.


Тој примени сличен пристап во Обединетото Кралство како гувернер на Банката на Англија, каде што ја модернизирал институцијата и го зголемил нејзиното јавно присуство.

Карни ја вовел и практиката на намалување на бројот на состаноци за каматните стапки и објавување на записниците веднаш по донесувањето на одлуките.

Меѓутоа, тој исто така, ја вовел „политика за насочување нанапред“ (forward guidance), ветувајќи дека нема да ги зголемува стапките сè додека невработеноста не падне под 7%. Поради неговата нејасност околу политиката, еден пратеник го нарекол „несигурен човек“, прекар што го следеше со години.

Пред референдумот за независност на Шкотска во 2014 година, тој предупреди дека независна Шкотска би можела да го изгуби пристапот до британската фунта. Исто така, пред Брегзит Карни предупредил дека напуштањето на ЕУ може да предизвика рецесија.


По одлуката за Брегзит, кога фунтата драстично падна, Карни се обиде да ја смири јавноста, велејќи дека финансискиот систем ќе продолжи да функционира. Подоцна, Банката на Англија дополнително ги намали каматните стапки и ја обнови својата програма за откуп на обврзници.

Во март 2020 година, во пресрет на пандемијата на коронавирусот, тој повторно ги намали каматните стапки, оценувајќи дека економскиот шок треба да биде привремен.

Конфликт со Трамп

Во текот на неговата кариера, Карни стекнал искуство во справувањето со Доналд Трамп, кој се врати на функцијата претседател на САД и воведе високи царини за Канада, па дури и предложи нејзина анексија.

Како претседател на Одборот за финансиска стабилност (FSB) од 2011 до 2018 година, Карни одигра клучна улога во меѓународниот одговор на политиките на Трамп.


Исто така новиот премиер учествувал на бројни состаноци на Г20 и имал увид во однесувањето на Трамп на глобалната сцена.

Иако првично беше воздржан, во последните денови поотворено го коментирал Трамп, споредувајќи ги неговите изјави за Канада со „коментарите на Волдеморт“.

„Кога ќе размислите што стои зад тие навредливи коментари од претседателот, ќе видите колку се опасни. Нема ни да ги повторувам, но знаете на што мислам“, рекол Карни.

Тој додал дека Канада ќе ги задржи контрамерките „сè додека Американците не покажат почит и не преземат веродостојни обврски за слободна и фер трговија“.

Патот од банкар до премиер

Либералите, според медиумските извештаи, се обидувале да го намамат во политиката повеќе од една деценија, но Карни долго време одбивал, а еднаш му рекол на новинар: „Зошто да не станам кловн во циркус?“.

Ситуацијата се сменила во јануари, кога Трудо поднесе оставка откако неговата министерка за финансии, Кристија Фриленд, го напушти кабинетот, предизвикувајќи внатрепартиска криза.


Иако Фриланд била негова пријателка и ривал во трката за лидерство, Карни убедливо победи, претставувајќи се како најискусен во управувањето со кризи.

„Знам како да управувам со кризи“, рече тој за време на конфронтација кон крајот на минатиот месец. „Во ваква ситуација, потребно е искуство во преговори и управување со кризи“, истакнал Карни.

Што им нуди на Канаѓаните?

Покрај заземањето цврст став кон Трамп, Карни презентирал и голем број домашни политики.

Тој е познат како застапник на еколошката одржливост – во 2019 година беше назначен за претставник на ОН за климатски промени, а во 2021 година ја основа Глазговската финансиска алијанса за нето – нулти емисии.

Едно од најспорните прашања на администрацијата на Трудо беше данокот на јаглерод, кој конзервативците ветуваа дека ќе го укинат, а веднаш по положувањето заклетвата, Карни донесе одлука за укинување на данокот од 1 април.


„Тоа ќе им помогне на Канаѓаните кои се под притисок на трошоците“, изјави тој.

Во кампањата, тој се залагаше за зајакнување на Канада како „чиста и конвенционална“ енергетска сила и забрзување на одобрувањето на големи инфраструктурни проекти.

Кога беше прашан за можни конфликти меѓу енергетската политика и климатските цели, тој себеси се опиша како „прагматичар“.

Во областа на имиграцијата, се залага за ограничување на моменталните миграциски цели, со цел заштита на капацитетот на здравствените и станбените системи.

Како најголем предизвик Карни го истакнал одржувањето на економскиот раст на Канада и покрај намалената трговија со САД.