По објавувањето на списоците со цени на сите производи во маркетите, неопходно е да се направи нова алатка, која на потрошувачите ќе им овозможи да ги споредуваат цените на исти производи во разни маркети за да откријат каде им е најевтино да пазаруваат. Ваков став има претседателката на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), Маријана Лончар-Велкова. Кај нив засега нема поплаки од граѓани за непрегледно објавените цени на производите во маркетите, но сметаа дека начинот на кој цените на производите сега се објавени е збунувачки.
„Ако некој има намера да купи пет или шест производи, треба во сите тие списоци на производи што ги објавуваат да ги бара баш тие, да оди од маркет во маркет онлајн за да може да ги најде. Кога би имале една компаративна алатка, тоа би одело многу бргу. Сега со вештачката интелигенција би можело и побргу да се развие, да биде онлајн и да биде унифицирано. Сега не е унифицирано. Немаме по групи на производи, па по видови и така натаму, никаде не е исто и луѓето немаат ни време ни можност да споредуваат. Инаку, идејата е добра, ама треба таа идеја уште да се разработи. Кај нас има проблем што идеите ќе се дадат, сè ќе биде добро, меѓутоа не се развиваат, ова не е готово, ова е само почеток. Треба да се направи една алатка за компаративна споредба на производите каде може да се купат поевтино, а трговците да имаат меѓусебна конкуренција“, рече Лончар-Велкова одговарајќи на новинарски прашања за време на експертскиот форум во рамките на проектот „Јакнење на правата на потрошувачите во финансиските услуги“.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, засега не може да каже дали објавените цени се прегледни или не и најави дека тоа ќе го сублимираат еден месец по имплементацијата на законската обврска за објава на цените на производите.
„Можеби ќе одиме на една генерална и општа веб-страница, која ќе биде понудена понатаму, или збирна информација, која ќе дава подобри резултати за да може граѓаните транспарентно да ги контролираат цените онаму каде што ќе купуваат“, рече заменик-министерот Ристески.
Трговците добија законска обврска на веб-страниците да ги обавуваат цените на сите производи што ги нудат од 18 април оваа година, а мерката ја предложи лично премиерот Христијан Мицкоски за да се заузда неконтролираниот раст на цените.