Погледнете ги мапите: Вака би изгледала Украина според планот на Трамп за крај на војната

Точка

28/04/2025

19:01

2.719

Големина на фонт

а а а

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп предложи мировен план за Украина, кој вклучува промена на статусот на Крим и „замрзнување на територијалните линии“ на бојното поле.

Иако деталите од планот сè уште не се целосно јасни, коментарите на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс за замрзнување на сегашните граници алудираат на можноста значителен дел од украинската територија формално да ѝ биде отстапен на Русија.


Украинскиот претседател Володимир Зеленски нагласи дека украинскиот устав јасно го дефинира Крим како составен дел од Украина. Но, Трамп одговори со критика кон Зеленски, тврдејќи дека тој „го отежнува постигнувањето мир“. Војната во Украина трае од руската инвазија на 24 февруари 2022 година.

Од друга страна администрацијата на Трамп предупреди дека ќе се повлече од разговорите доколку Москва и Киев наскоро не постигнат договор. По неколку недели одделни преговори со двете страни, САД предложија договор што се чини дека ѝ се допаѓа на Москва, но Киев засега го отфрла.

Што предвидува планот?

Планот предвидува Украина да се откаже од членството во НАТО, да ги ублажи санкциите кон Русија и да прифати дека Крим е под руска контрола. Иако Трамп тврди дека Украина формално нема да мора да го промени својот устав за да го признае губењето на Крим, останува нејасно дали Русија ќе се согласи со тоа.

Венс рече дека новите територијални демаркации ќе бидат блиску до сегашните линии на фронтот, што би значело дека Украина ќе изгуби големи делови од територијата што се обидува да ја врати – вклучувајќи ги Крим и делови од регионите Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје. Во ова сценарио, Русија веројатно би морала да се откаже само од помалите делови од Харковскиот регион што ги контролира и да се откаже од целосната анексија на четирите покраини.


Јуриј Бојечко, основачот на хуманитарната организација „Hope for Ukraine“ за „Њузвик“ предупредил дека еден милион Украинци во овие области ќе бидат принудени да ги напуштат своите домови за да „го исчистат теренот“ за руска власт.

Олга Оликер од „International Crisis Group“ истакнала дека предложениот договор би можел да ги запре руските напади врз нови области, но дека прекинот на огнот би значел одржување на контролата врз веќе окупираните територии.

Неправеден компромис

Кремљ во средата објави дека прекинот на непријателствата бара Украина целосно да се повлече од териториите што ги бара Русија. Но, според Оликер, не е јасно дали предложениот договор ја обврзува Украина да направи таков потег.


Реториката на Трамп дополнително предизвикува загриженост. Потпретседателот Венс отворено изјави дека „ќе бидат повлечени нови линии блиску до сегашните“, додека самиот Трамп вели дека „Крим останува со Русија“, наведувајќи дека сите „веќе долго време сите го знаат тоа“.

Иако Зеленски повеќе пати јавно ја отфрли идејата за предавање на Крим, некои други украински лидери, како што е градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, посочија дека компромис за „привремен мир“ е можен, но неправеден. Таквото решение би можело да значи привремено отстапување од територијата, но речиси е сигурно дека Киев никогаш нема правно да го признае одземањето на кој било дел од својата територија.

Признавањето на Крим е опасен преседан

Де јуре признавањето на руската анексија на Крим од страна на САД би претставувало очигледно кршење на меѓународното право и договорите, како што е Меморандумот од Будимпешта од 1994 година, во кој САД ветија дека ќе го заштитат суверенитетот на Украина во замена за откажување од нуклеарното оружје.


Таквиот потег би бил опасен преседан што би значел драматично слабеење на меѓународниот правен поредок.

Аналитичарите предупредуваат дека дозволувањето на Путин да го задржи Крим би значело враќање на светот во ерата кога правото на посилниот ги одредувало границите, што дополнително би ги дестабилизирало глобалните односи.

Што ако САД се откажат?

Доколку САД, како што се закани администрацијата на Трамп, престанат да ја поддржуваат Украина, не е јасно дали тоа ќе значи само крај на дипломатскиот ангажман или крај на воената помош.


Андреа Кендал-Тејлор, поранешна службеничка на американското разузнавање, за „Њузвик“ предупреди дека Украина ќе продолжи да се бори и без помош од САД, иако тоа би било многу потешко. Украина веќе сега сè повеќе се потпира на сопствените сили и европските сојузници.

Поранешниот дипломат Мајкл Кимаге истакнал дека Германија брзо ги зголемува инвестициите во одбраната, делумно за да го компензира потенцијалното повлекување на САД од украинскиот конфликт. Меѓутоа, тој додал дека таквата транзиција ќе бара време, кое Украина го има сè помалку и помалку.