Влатко Сулев: Туризмот е најдобриот амбасадор на нашата култура и традиција

Точка

29/04/2025

17:58

566

Големина на фонт

а а а

Туризмот е најчистиот и најдобриот бизнис што може да придонесе за развој на претприемништвото во земјава, да ги поттикне младите да останат дома и да развиваат сопствен бизнис, да ја промовираат Македонија во најубавото можно светло.

Имаме одлични можности – езера, планини, зимски спортови, археолошки локалитети, вински туризам. Туристичката индустрија може да биде главен економски двигател за зголемување на приходите во економијата, да отвори нови илјадници работни места, да ја развие инфраструктурата.

Туризмот не е луксуз. Тој е мост меѓу култури, меѓу генерации, меѓу минатото и иднината. И ако сакаме Македонија да биде дел од светот, треба прво да ја покажеме на светот преку прозорецот на нејзината автентична убавина. Не глумејќи што не сме, туку гордо покажувајќи што сме.


Туризмот како сектор има голем потенцијал, повлекува директно или индиректно 15 други сектори и може многу повеќе да учествува во создавањето на БДП. Сектор во кој многу млади луѓе може да се вклучат и да се креираат интересни содржини кои ќе привлекуваат туристи, посебно странски.

Веќе зборуваме за вински туризам, за адреналински туризам, за верски туризам, културен туризам, за автентични гастрономски доживувања. Македонија е стратешки поставена во срцето на Балканот, и е одлична за менаџирање на неколку дестинации како Србија, Бугарија, Северна Грција, Албанија, Косово. Од сите сме оддалечени од 200 до 250 километри, за максимум од 2,5 до 3 часа сме до сите дестинации.


Во срцето на Балканот, таму каде што времето ја чува историјата во калдрмите на Охрид, а природата го шепоти спокојот по бреговите на Преспа, Македонија се наоѓа на прагот на една туристичка ренесанса. Како правилно да го отвориме тој прозорец кон светот? Како да го направиме туризмот не само извор на приходи, туку и амбасадор на нашата култура, традиција и гостопримство?

Во едно време кога патувањето не е само бегство, туку потрага по смисла, автентичност и искуство, приоритетите на современиот турист, без разлика дали е домашен или странски турист, најлесто се слични: чиста, недопрена природа, автентична храна, културно наследство, безбедност и топло, човечко гостопримство.


За странските туристи Македонија не е само нова дестинација, туку и нов начин на гледање на работите, нова животна филозофија која ги буди сите сетила, и создава спомени вредни за споделување. Луѓето од другите земји, доаѓајќи од урбани средини, бараат допир со нешто вистинско како што е некоја стара црква што мириса на темјан, некоја бабичка што нуди наша, македонска ракија и домашно сирење, езеро што не е “затруено” од комерцијална гласност. Тие сакаат приказна. А Македонија има илјадници. Странските туристи сакаат автентични доживувања, искреност и оригиналност.

Од локалното население не очекуваат глума или преправање, не очекуваат да бидат нешто што не се. Сакаат обични работи, лични доживувања и тоа знаат да го ценат. Сакаат свежа, убава и оригинална храна приготвена на традиционален начин, сакаат да ги посетат македонските винарници, да видат изворно како се произведува вино, како се произведува сирење… уникатно туристичко искуство. Сакаат нешто што го немаат во нивните матични земји. Тие не преферираат луксузни хотели и ресторани, туку автентично семејно доживување. Сакаат да ја доживеат локалната култура, да видат како размислуваат луѓето од овој дел од Европа.


Домашните туристи, пак, одамна не се туристи по зошто мораат да останат тука, тука доаѓаат по избор. Бараат удобност, пристапност, квалитет. Сакаат да ја запознаат својата земја одново, да се искачат на врвот на Шар Планина, да прошетаат низ Вевчани, да испијат кафе на скопскиот кеј. Но сакаат и достапни цени, уредени сместувања, инфраструктура што не ги разочарува.

За авторот:

Влатко Сулев е Генерален менаџер на Balkan Prime Tours, компанија која организира тури во Македонија и на балканот за странски туристи од 2007 година. Благодарение на оваа компанија илјадници странски туристи изминативе години ја имаат посетено Македонија, што ги прави вистински промотери и амбасадори на нашата земја и Балканот. Компанијата има своја канцеларија во Скопје, но и во Софија, Подгорица и Тирана, соработува со огромен број на хотели, ресторани и семејни туристички работници од регионот, за да креира автентични туристички понуди според желбите на туристите.