„Apple“ и „Samsung Display“ склучија тригодишен ексклузивен договор за преклопливите екрани на „iPhone Duo“ - откриено колку ќе чинат

Точка

12/09/2026

18:33

533

Големина на фонт

а а а

„Apple“ и „Samsung Display“ склучиле тригодишен ексклузивен договор за производство и испорака на преклопливи панели, наменети за новиот iPhone Duo и неговите идни модели, објави познатиот дојавувач „Instant Digital“.

Според информациите што ги споделил на „Weibo“, „Samsung Display“ ќе биде единствениот добавувач на преклопливи екрани за „iPhone Duo“, а договорот би требало да ги опфати и следните генерации на уредот.

Она што особено го привлекува вниманието е цената на панелот. Според наводите, еден преклоплив екран ќе го чини „Apple“ околу 250 долари, што го прави еден од најскапите клучни компоненти на новиот уред.


Иако засега нема доволно веродостојни информации за вкупната цена на компонентите од кои е составен „iPhone Duo“, аналитичарите очекуваат вистинската слика за производните трошоци да стане појасна по официјалното пристигнување на телефонот на пазарот.

Тогаш, преку детални анализи и расклопувања на уредот, би можело попрецизно да се утврди колку „Apple“ издвојува за дисплејот, камерите, процесорот, меморијата, батеријата и останатите компоненти.

„Apple“ откри и колку рециклирани материјали користи

Покрај техничките карактеристики и производните трошоци, „Apple“ веќе сподели и интересни детали за материјалите употребени при изработката на „iPhone Duo“.

Од компанијата наведуваат дека уредот е изработен со 35 отсто рециклирани материјали, како дел од нивните напори за намалување на влијанието врз животната средина.

Особено се издвојува батеријата, која содржи 100 отсто рециклиран кобалт, додека капакот на преклопливата шарка е направен од 100 отсто рециклиран титаниум, произведен со помош на 3D-печатење.

„Apple“ наведува и дека „iPhone Duo“ се произведува со 60 отсто обновлива енергија, вклучувајќи енергија од ветер и сонце, низ синџирот на снабдување.


Компанијата истакнува дека уредот ги исполнува и нејзините стандарди за енергетска ефикасност и безбедна употреба на хемикалии, додека амбалажата е целосно изработена од растителни влакна и може да се рециклира во домашни услови.

Сепак, за тоа колку навистина чини производството на новиот преклоплив „iPhone“, ќе треба да се почека до неговото пристигнување во продажба и првите детални анализи на уредот.

Доколку проценката од 250 долари за еден панел е точна, јасно е дека преклопливиот дисплеј ќе биде еден од најголемите трошоци во производството на „iPhone Duo“.