Санторини лежи на вулканска бомба: Многумина туристи ги откажале летните резервации

Точка

26/04/2025

19:13

3.070

Големина на фонт

а а а

На врвот на стрмните карпи на Санторини се наоѓа светски позната туристичка дестинација во Егејското Море. Но, под неа се крие ризик од разорна вулканска ерупција, пишува Би-би-си.

Пред неколку илјади години, островот доживеал една од најмоќните вулкански ерупции во историјата. Таа ја формирала денешната калдера – огромен кратер окружен со низа острови во облик на потковица. Денес, експертите сериозно предупредуваат: следната ерупција би можела да биде подеднакво разорна.

Новинарите на Би-би-си поминале еден ден на британскиот кралски истражувачки брод „Дискавери“, кој трага по одговори.


„Ерупциите на подводните вулкани можат да бидат огромни и исклучително деструктивни“, предупредила професорката Изобел Џео од Британскиот национален океанографски центар, која го предводи меѓународниот научен тим на бродот „Дискавери“. Токму овој брод сега ги мапира опасностите што се кријат под површината на Санторини.

Загриженоста не е теоретска. Само неколку недели претходно, речиси половина од 11.000 жители на Санторини избегаа од островот поради страв, откако серија земјотреси го парализираа секојдневниот живот. Тоа беше алармантен сигнал дека под бајковитите села, гиро-рестораните, базените и лозјата на плодната вулканска почва, се судираат две тектонски плочи, пишува Би-би-си.


Научниците сега користат подводни роботи, софистицирани мапи, па дури и ги слушаат „звуците“ на Земјата – микрофрактури во карпите што укажуваат на движење на течности под земјата.

„Знаеме повеќе за површината на некои планети отколку за дното на ова море“, рекла Џео и додала дека нивната цел е да добијат податоци што би овозможиле навремено предупредување и заштита на луѓето.

Мегаерупција на повидок

Вулканот на Санторини не е единствената закана. Во близина се наоѓа уште еден подводен вулкан Коломбо, кој е исто така активен. Научниците не веруваат дека ќе се случи ерупција во блиска иднина, но предупредуваат дека тоа е само „прашање на време“.


Професорката Параскеви Номику, членка на Грчката агенција за цивилна заштита, објаснила дека проектот е клучен за безбедноста на локалното население. „Истражувањето ќе ги означи зоните до кои пристапот ќе биде забранет за време на ерупцијата и ќе покаже кои делови од морското дно се најопасни“, истакнала таа.

Влијанието на вулканската активност врз економијата веќе се чувствува. Имено многу туристи ги откажале своите летни резервации, а локалните бизниси страдаат.