Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Русија и Украина се на чекор до постигнување историски договор. По пристигнувањето во Рим, каде што ќе присуствува на погребот на папата Франциск, Трамп нагласи дека е време двете земји да седнат на преговарачка маса.
„Само што слетав во Рим. Добар ден за разговори и состаноци со Русија и Украина. Многу блиску се до договор, а двете страни сега треба да се сретнат на високо ниво за да ја довршат работата“, порача Трамп.
На својата социјална мрежа „Truth Social“, американскиот претседател објави дека „поголемиот дел од главните точки се веќе договорени“ и повика на итно запирање на крвопролевањето.
„Запрете го крвопролевањето, ВЕДНАШ. Ќе бидеме секаде каде што е потребно за да помогнеме да се стави крај на оваа сурова и бесмислена војна“, напиша Трамп.