Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, вчера, по разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека членовите се согласуваат дека Русија е долгорочна закана за алијансата, пренесува ДПА.
„Сите се согласуваме во НАТО дека Русија е долгорочна закана за територијата на НАТО – за целата евроатлантска област“, рече Руте по состанокот во Белата куќа.
На прашањето за можноста за договор меѓу Русија и Украина, поранешниот холандски премиер рече дека во моментов „нешто е на маса“, но дека топката сега е на теренот на Русија. Генералниот секретар на НАТО е уверен дека САД ќе ги предводат напорите за завршување на војната во Украина.
„Не гледам ситуација во која САД ќе си заминат. Гледам ситуација во која, под водство на претседателот Трамп, ова може да се доведе до позитивен крај, а тоа е многу важно“, рече Руте. Лидерите на НАТО ќе се состанат во Хаг кон крајот на јуни.