[ВИДЕО] Цветков до Дурмиши: Граѓаните живеат тешко, зошто не ја зголемите минималната плата на 30.000 денари

Макфакс

24/04/2025

18:10

318

Големина на фонт

а а а

Пратеникот на СДСМ Борче Цветков на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во врска со новата пресметка за трошоците за таканаречената просечна кошница и промашените мерки на владата за креирање економски политики, кои доведуваат до економска стагнација и влошување на животниот стандард на граѓаните.

„Заглавена економија, урнисан животен стандард – ова е денешната реалност по 10 месеци од оваа Влада. Македонската економија е далеку од брзо-растечка, а животот на граѓаните не е ни малку лагоден. 10 месеци сме сведоци на погрешни политики кои резултираа со економска стагнација и животен стандард кој од месец во месец се влошува. Како Влада, не исполнивте ниту едно ваше ветување. Демонстриравте тотална незаинтересираност, покажавте тотална неспособност за креирање на економски политики“, рече тој.

Мерките како што додаде не само што не дале конкретни позитивни ефекти, туку уште повеќе го влошиле животот на граѓаните.

„И сами го признавте дебаклот на вашата есенска, па потоа и новогодишна кошница. Застанавте на страната на елитата, наместо во заштита на граѓаните. И последната повторно задоцнета мерка за замзрнување на маржата на 10% не ги даде очекуваните резултати за намалување на цените.

Синдикалната кошница месецов достигна нов рекорд – на граѓаните им се потребни 836 денари повеќе од март за да можат да ги покријат основните потреби. Или, едно четиричлено семејство треба да има вкупен семеен буџет од 62.700 денари за да може да го преживее месецот“.

Според Цветков, семејниот буџет на граѓаните е на минимум, а притисокот од цените расте. Додава дека ниту три минимални плати не се доволни за покривање на основните животни потреби.

„И јасно е зошто сега планирате нова пресметка на трошоците за основните потреби и под ново име – „просечна кошница“. Нема веќе да е четричлено семејство туку ќе биде тричлено, кое ни оддалеку не се како во реалноста. Според вашите пресметки семејниот буџет може да се користи само за храна и сметки и сево ова е е резултат на вашата незаинтересираност на немањето визија за социјален и економски напредок на државата.

Дали ќе се откажете од новата пресметка за трошоците за таканаречената просечна кошница, а наместо тоа ќе ја зголемите минималната плата на 30.000 денари?“, го праша Цветков Дурмиши.