Мицкоски: Мерките дадоа резултат, цените на храната се намалија дури и според кошничката од синдикатот

Макфакс

24/04/2025

17:14

209

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека цените на храната се намалени дури и по потрошувачката кошничка која ја прави еден од синдикатите и посочи дека таа кошничката која ја спрема владата кога ќе биде готова ќе биде дадена на увид, но ќе ги содржи сезонските производи и просечните цени од повеќе маркети, а не само од скапите.

„Околу потрошувачката минимална кошница која ја објавуваше еден од синдикатите, а минатиот месец отсуствуваше објавата, зошто тие треба да дадат одговор, па овој месец двете ги залепија една со друга, но и тоа покажува дека потрошувачката кошница во делот за прехранбени производи е намалена за 2147 денари, нешто помалку од 9% во месец април споредено со февруари. Зошто е тоа направено претпоставувам поради мерките кои ги усвои владата и кои на 30 април ќе завршат. Очекувам јасна и детална анализа и мониторинг, на пазарот да нема одредени девијации кога некои од трговците ќе се обидат да заработат надвор од она што е пристојно однесување, бидејќи се тешки времиња“, рече Мицкоски.

Потенцираше дека новата потрошувачка кошничка се прави во консултација со низа институции, за што е задолжено министерството за економија и труд со сезонски продукти и каде што репер цена ќе биде онаа која е просечна од неколку маркети, а тоа им е кажано и на синдикатите.

„Сите знаеме има ланци кои се со пониски цени и такви со повисоки цени. Не е готова, ќе биде дадена на јавноста, на синдикатите на мислење и ќе ги опфати оние производи кои се потребни, а не со кои се вулгаризира сето ова. Ние не велиме дека таа кошница ќе ја натсинхронизира таа на синдикатот, но добро е да имаме 2-3 мислења, а граѓаните нека судат“, посочи Мицкоски.

Во врска со дијалогот со синдикатите, тој рече дека има чувство дека голем дел од пораките кои доаѓаат од една од синдикалните организации се повеќе политички отколку синдикални.

„Но во ред и тоа е легитимно. Ова го кажав и на состанокот директно. Ако некој решил сето ова да го сведе на политика нема проблем, ќе водиме политика, но по пат да не се загубиме. Затоа што тешко се живее, за жал како да државата претставува депонија на производи, а не суштински производи со вистински квалитет, и имам чувство дека дел од маркетите и трговците како да изгубиле чувство во која држава стопанисуваат и имаат маржи надвор од нормалните. Не ретко се случуваат и индиции за картелско здружување на одредени субјекти кои диктираат цени и маржи и имајќи го сето ова во предвид анализираме и правиме акција. Покажуваме добра волја за да направиме добро за граѓаните. Донесовме две мерки, ограничување на дистрибутивните и трговски маржи и да ги објават цените“, нагласи Мицкоски.

Зборувајќи за тоа како маркетите ги објавија цените премиерот посочи дека шокирачко е однесувањето на некои трговци и следен пат владата ќе изготви софтвер за нема злоупотреби и на таа мерка.

„Она што го видов се шокирав и следно ќе направиме софтвер, ние ќе го финансираме и такви измени да мора да го користат, затоа што има еден ланец кој објавил 17.000 артикли и само закачил на веб страна листата. Мислевме дека можеме културно да се разбереме, очигледно дека некои мислат дека се над сето ова. Ќе одиме и чекор понапред и апликација за граѓаните да лоцираат маркет и направат споредби на цени. Минималната потрошувачка кошничка се намалува дури и по методологијата на еден од синдикатите, а тој тренд ќе продолжи или да се стабилизира, но доколку има девијантно однесување повторно ќе донесеме мерка“, изјави Мицкоски.