Електричниот подбренд на "Volkswagen" групацијата, "AUDI" (не смее да се меша со германскиот "Audi"), го претстави својот прв модел на Саемот за автомобили во Шангај 2025 година.
"AUDI E5 Sportback" е издолжен и динамичен брз кросовер, со тенки светла напред и одзади, како и изразено аголни линии на каросеријата. Возилото се базира на „напредна дигитализирана платформа“ која е резултат на заеднички развој меѓу "Audi Germany " и кинескиот "SAIC". Оваа платформа овозможува голема флексибилност и разновидни изведби.
"AUDI E5" ќе биде достапен во четири варијанти: со 295, 402, 570 и 776 коњски сили, со погон на задни или на сите четири тркала (quattro). Најсилната верзија може да забрза од 0 до 100 km/h за само 3,4 секунди.
Сите верзии ќе бидат опремени со батерија од 100 kWh и 800-волтна архитектура, која овозможува дополнителни 370 километри автономија за само 10 минути полнење. Според податоците на производителот, максималниот домет изнесува дури 770 километри.
Внатрешноста на возилото е модерна, со 27-инчен 4K инфозабавен екран што се протега по целата контролна табла. Системот го движи напредниот чипсет "Qualcomm Snapdragon 8295".
Освен што изгледа импресивно на хартија, "AUDI E5" вклучува и вграден вештачки интелигентен асистент, кој ќе биде поддржан од "LiDAR", ултразвучни сензори, камери и неколку мултимодални сензорски единици. Сето ова е дел од напредниот систем за асистенција при возење, дизајниран за комплексни урбани услови. Засега не е јасно дали возилото нуди автономно управување од ниво 2 или ниво 3.
Дополнително, "AUDI" најави уште два нови модели до 2026 и 2027 година, иако не откри детали за нив. Се претпоставува дека ќе се работи за SUV и лимузина, следејќи ги актуелните пазарни трендови.
Останува да се види дали "AUDI" ќе може да се наметне на пазарот и да се спротивстави на државно поддржаните ривали како "BYD" и "NIO", кои веќе предизвикаа пад на продажбата кај многу други производители на автомобили во Кина.