„Вооружени“ со 4.000 јајца и камион со шеќер и слатка павлака, француските слаткари во средата го завршиле 121,8 метри долгиот колач со јагоди, за кој тврдат дека е најдолгиот во светот.
Јусеф Ел Гату собрал тим од 20 слаткари за да го создаде ова ремек-дело тешко 1,2 тони. За подготовка на колачот им била потребна една недела, а истиот бил изложен на масите на лизгалиштето во Аржантеј (предградие на Париз), за жителите да можат го видат.
Овој потфат го надминал претходниот рекорд – колач со јагоди долг 100,48 метри, кој бил направен во италијанскиот град Сан Мауро Торинезе во 2019 година.
За деликатесот на Ел Гату биле употребени 350 килограми јагоди, 150 килограми шеќер и 415 килограми слатка павлака.
За да влезе во конкуренција за Гинисовата книга на рекорди, деликатесот морал да биде висок и широк најмалку осум сантиметри. Логистиката беше толку напорна што тимот морал да користи грејачи на воздух за да ги загреат чиниите за матење на слатката павлака, откри Надија, сопругата на Ел Гату.
Ел Гату изјавил дека уште како дете сакал да го собори рекордот.
„Сакав да направам производ или француски колач, но сакав да ги истакнам и француските земјоделски производи – јагоди, млеко, павлака и путер“, рекол Ел Гату за АФП.
Исто така жителите на Аржантеј кои во средата отишле да го видат овој калоричен десерт добиле по едно парче од истиот.