Трајчулески до Мицкоски: Дали се разводнува истрагата за Кочани за да се заштитат актуелни функционери?

Макфакс

24/04/2025

12:46

257

Големина на фонт

а а а

Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до премиерот Христијан Мицкоски, кое се однесуваше на страшната трагедија во Кочани, која однесе 62 млади животи и над 100 повредени. Според него, за несреќата се води селективна истрагата и се штитат актуелни функционери.

„После повеќе од еден месец можеме јасно да заклучиме дека кај највисоките владини функционери не постои морална вертикала, дека не постои чувство на морална одговорност и затоа денес немаме ниту една оставка од морални причини. Ова е поразително за една влада после несреќа од вакви размери и со толкав број на изгубени човечки животи. Но за моралот не се дискутира, човек или го има или го нема. Вториот заклучок е водење на селективна истрага која во суштина треба да ги заштити сегашните носители на високи позиции во министерството за внатрешни работи, државниот пазарен инспекторат и други институции од нивната одговорност“, рече Трајчулески.

Според него, целокупното водење на истрагата само ја потврдуваат тезата за контаминираност на истрагата и обид со разводнување на истата да се прикрие директната одговорност на оние кои требало да превенираат и да спречат.

„Ширењето на истрагата со децении наназад е само обид да се задоволи јавноста за сметка на откривањето на директните виновници за пожарот во дискотеката. Неуспешен ќе биде обидот да се префрли целосната вина единствено на лица кои се индиректно врзани за последицата и кои биле носители на одредени функции пред повеќе од 10 години, а во исто време да не се повикаат на одговорност оние кои направиле сериозни пропусти во моментот на случување на несреќата“, рече Трајчулески.