[ФОТО] Данскиот авантурист откри како ги посетил сите земји во светот без авион – „Ми помогнаа потполни странци“

Точка

24/04/2025

11:59

616

Големина на фонт

а а а

Авантуристот од Данска, Тор Педерсен стана првиот човек во светот кој ги посетил сите земји без да користи авион во континуирано патување кое траело речиси десет години.

Во интервју за „Гардијан“ своето животно искуство го опишал како животна авантура, но признал дека се чувствувал како последните десет години да ги поминал „во кома“. Тој тврди дека отсекогаш имал страст за патувања и предизвици, а идејата за оваа мисија му дошла од имејлот што му го испратил татко му.


Како што тврди, истиот содржел линк до статија за луѓе кои ја посетиле секоја земја во светот, но никој од нив не го направил тоа без користење авион. Педерсен истакнал дека тоа бил моментот кога си поставил за цел да посети 203 земји, без ниту еден лет, со буџет од 20 евра дневно.

Своето патување го започнал на 10 октомври 2013 година, оставајќи ги зад себе Данска и неговата тогашна девојка, а тогаш верувал дека патувањето ќе трае четири години. Меѓутоа, наместо тоа, неговото патување траело девет години, девет месеци и 16 дена.

„Сè се менуваше, а јас постојано бев на пат“

Во мај 2023 година, тој ја завршил својата мисија и се вратил во Копенхаген два месеци подоцна, во јули истата година.

„Имаше моменти кога не знаев дали некогаш ќе завршам. Се чувствував како да бев заробен во временска капсула. Сè се менуваше, а јас бев постојано бев на пат“, изјавил Педерсен.


Неговото патување вклучувало возови, автобуси, чамци, камиони и пешачење низ џунгли, пустини, планини и градови. Во текот на патувањата, како што рекол, се соочил со болести, бирократија, осаменост и човечка добрина. Тој тврди дека дури по враќањето во Данска, го сфатил обемот на она што го направил.

„Сè уште се навикнувам на идејата дека повеќе не морам да одам никаде, дека можам да останам и дека преживеав и покрај сè. Иако често се чувствував како да сум роден барем еден век предоцна, во време кога веќе нема што да откријам и снимам, сепак во мене тлееше потребата за авантура. Во 2013 година, открив дека никој не успеал без прекин да ги посети сите земји во светот, без користење авион, тоа беше шанса да направам нешто што никој пред мене не го направил“, истакнал Педерсен.

Исто така тој се присетил и на неговото патување во најстудениот град во Полска, Сувалки.


„Без СИМ картичка, само со моето име и адреса на хартија, талкав низ снегот барајќи помош. Целосен странец ми даде засолниште, без да очекува нешто за возврат“, се присетил авантуристот.

Инаку Лесото била 106-та земја на неговата листа и тој тврди дека била една од најпосебните.


„Целата земја се наоѓа на над 1.400 метри надморска височина. Во Семонконг се најдов среде зелените планини, чист воздух и кристално чисто небо. Таму се водопадите Малетсуњане, речиси 200 метри високи водопади кои светеа на сонцето. И таму бев сосема сам“, раскажал Тор.

Десетгодишното патување му ја исцрпило душата

Како што објаснил Педерсен, во текот на неговото патување низ Западна Африка, три земји – Гвинеја, Сиера Леоне и Либерија – се бореле со најголемата епидемија на ебола. Сепак, по само еден час во Сиера Леоне, тој бил поканет на свадба со музика, танцување и насмевки. Меѓутоа како што рекол десетгодишното патување без пауза му ја исцрпило душата.


„После две години „удрив во ѕид“, но морав да продолжам. Научив дека не ми требаат работи, туку врските што ги создадов со луѓето ширум светот. Сè друго беше минливо“, истакнал Тор.


Додека патувал, како што рекол, постојано бил под притисок да научи како да се снаоѓа, да препознава опасност, да комуницира без јазик и да пронаоѓа основни работи.


„Се вратив со знаења за јазиците, геополитиката, хуманитарната работа, географијата и најмногу за себе. Заминав на 34, се вратив на 44 години, но според она што го доживеав, можеби сум многу постар“, заклучил Педерсен.