Недостиг на лекови во Газа: ОН предупредува на катастрофа

Макфакс

22/04/2025

13:05

512

Големина на фонт

а а а

Палестинските пациенти во Газа се во сè полоша ситуација поради израелската блокада, а недостигот од клучни лекови и медицински потрошен материјал доведува многу животи на работ на смртта.

Затворањето на граничните премини од 2 март ги исцрпе болничките резерви на основни потреби создавајќи ситуации опасни за животот за сите на кои им е потребна терапија – од хронични болести до повреди од војната.

Министерството за здравство на Газа постојано предупредува на влошување на кризата поради недостиг на лекови, што дополнително ги оптоварува веќе слабите капацитети на здравствениот систем.

Во разговор за агенцијата „Анадолија, Ала Хилес, директор на Одделот за болничка фармација при Министерството за здравство на Газа, изјави дека повеќе од 37 проценти од основните лекови и најмалку 59 проценти од медицинските потрошни материјали моментно не се достапни во магацините на Министерството.


„Овој недостиг директно влијае на сите медицински услуги вклучувајќи ги ракот и крвните заболувања“, рече Хилес додавајќи дека 54 проценти од лековите за овие болести се исто така недостапни.

Тој исто така истакна дека повеќе од 24 проценти од лековите што им се потребни на пациентите на дијализа во моментот не се достапни.

Хилес изјави дека Министерството редовно поднесува извештаи за недостиг на лекови до релевантни меѓународни организации, вклучувајќи ги Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Светската здравствена организација.

Во оваа криза Министерството за здравство се обидува да најде медицински алтернативи за ублажување на последиците од недостигот и намалување на компликациите за пациентите. Но, Хилес предупредува дека овие алтернативи не се секогаш соодветни и дека менувањето на лековите може да претставува дополнителен ризик за здравјето на пациентите.

Обединетите нации во понеделникот одбележаа 50 дена откога Израел целосно ја блокира хуманитарната помош за Газа предупредувајќи на брзо влошување на ситуацијата, што сериозно ги загрозува животите на цивилите.

„Денес, се навршуваат 50 дена откога израелските власти целосно го запреа протокот на какви било резерви во Газа“, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дужарик, на прес-конференција.

Повикувајќи се на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA), Дужарик нагласи: „Од почетокот на март на ниеден камион што носи храна, гориво, лекови или други потребни работи не му е дозволено да влезе во Газа, без разлика колку се важни овие резерви за опстанокот на луѓето“.