Ѓуроски во КФМ влегува со дрим-тим – Наумоски, Главчев, Стефанов и Илиевски!

Точка

16/04/2025

16:19

2.126

Големина на фонт

а а а

Перо Антиќ почнува да ги одбројува последните 15-тина дена на функцијата прв човек на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), откако иницијаторите за негова промена денеска самите закажаа Вонредно собрание, откако тој не го испочитува нивното барање кое беше поддржано од речиси сите клубови во државата.

Негов наследник ќе биде Младен Ѓуроски, поранешен кошаркар на повеќе домашни клубови и македонски репрезентативец, кој ја има поддршката од речиси сите членки, а зад чија кандидатура официјално застанаа 36 клуба и кој денеска лично до Куќата на кошарката ја достави одлуката за свикување собир на највисокиот орган во овој спорт кај нас. Ова значи дека часовникот почнува да одбројува и дека макбаскетот конечно ќе се разбуди од „зимскиот сон“ во кој беа Антиќ и неговите соработници, оставајќи хаос и проблеми, како натпреварувачки така и финансиски. Кулминација на ова второво се неисплатените судиски и делегатски такси уште од почетокот на годината, иако има договор со спонзор за нивно покривање, што донесе до штрајк и прекин од дваесетина дена во Првата лига и тоа во најосетливиот дел од сезоната – пред стартот на плејофот, пишува Спорт1.

„Иницијативниот одбор врз основа на членот 36 од Статутот на Кошаркарска Федерациа на Северна Македониа свикува воредно собрание на 30 Април со почеток во 16 часот во салата за прес конференции при СЦ Борис Трајковски“, пишува во информацијата доставена до Куќата на кошарката.

Ѓуроски во КФМ планира да влезе со дрим-тим во кој се тројца од четворицата најдобри македонски кошаркари во историјата – Петар Наумоски, Врбица Стефанов и Владо Илиевски. Тројцата прифатиле да му бидат поддршка на поранешниот соиграч и соработник во обидот да се вратиме во врвот на европската кошарка, каде што бевме пред 10-15 години. Шлаг на тортата во составот на новиот претседател ќе биде и вклучувањето на Томе Главчев, творецот на кошаркарското чудо наречено Блокотехна, со кое стана само вториот македонски тим во историјата со трофеј од меѓународно натпреварување – БИБЛ лигата. Тој долги години е во кошарката, претходно и потоа како спонзор на Кожув, како помагател на МЗТ Скопје и Куманово и како член на Управниот одбор на КФМ во повеќе наврати.

Последните информации велат дека пред Ѓуроски и неговиот дрим-тим е тешка и напорна работа, со оглед на големите финансиски проблеми со кои се соочува Куќата на кошарката, но и на летаргијата во работата, пред се во младинските категории односно репрезентации. Пред него и соработниците е напорна работа, за која тие се подготвени со цел да дојдат подобри денови за кошаркарскиот спорт во Македонија.