[ВИДЕО] Бајден го одржа својот прв говор откако ја напушти Белата куќа: „Трамп пука, па нишани“

Макфакс

16/04/2025

10:34

842

Големина на фонт

а а а

Поранешниот американски претседател Џо Бајден синоќа во Чикаго го одржа својот прв голем јавен говор откако ја напушти Белата куќа, остро го критикуваше Доналд Трамп за начинот на кој раководи со Управата за социјално осигурување и предупреди дека сегашната администрација „уништува систем од кој зависат милиони Американци“.

„Трамп и неговите луѓе им пристапија на владините институции со идејата на Силиконската долина, ‘движете се брзо и скршете сè’. И тие кршат сè по ред“, рече Бајден пред публиката составена од адвокати и експерти кои работат на заштита на правата на лицата со посебни потреби. „Прво пукаат, а потоа нишанат“.

Иако Трамп тврди дека нема да ги допре бенефициите за 73-те милиони Американци кои користат социјална помош, многу граѓани се сè позагрижени. Локалните канцеларии за социјални услуги се преполни со повици, а поради предвременото пензионирање на многу вработени, поттикнати од администрацијата на Трамп, телефонските чекања и линиите стануваат подолги.

Трамп, исто така, најави „ремонт“ на системот за социјално осигурување, за кој многумина стравуваат дека може да ги скрати тешко стекнатите права на милиони Американци.

Бајден потсети дека за време на неговиот мандат, Управата за социјално осигурување го подобрила својот систем против измами, го скратил времето на чекање и го рационализирал системот за жалби: „Сè функционираше поефикасно и поправедно“.

Откако ја напушти Белата куќа во јануари, 82-годишниот Бајден остана подалеку од очите на јавноста – беше виден во театар на Бродвеј, ресторани во Делавер и Џорџтаун и често патувајќи со возот на Амтрак помеѓу неговиот дом во Делавер и неговата канцеларија во Вашингтон. Но, зад сцената, тој остана политички активен: тој е во контакт со поранешни советници и високи функционери како Брус Рид, Стив Рикети, Џејк Саливан и Ентони Блинкен.