Надзорните камери го снимиле моментот кога пред неговиот дом бил ликвидиран шефот на руската мафија.
Убиецот бил облечен во заштитно одело, како оние што се користат во случаи на хемиски опасности. Цел на атентатот бил Арсен Наџарјан (55), познат по прекарот „Краснојарски“, кој бил убиен во заседа во село во близина на градот Туапса во јужниот руски регион Краснодар.
На снимката може да се види дека убиецот ненадејно се појавува зад вилата, пука во мафијашот од непосредна близина и потоа бега од местото на злосторството. Телото на Најџарјан било оставено на подот, а сè се случило на само неколку метри од базенот, каде непознато лице шокирано го набљудувало убиството, пренесе „Јутарњи лист“.
ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО
Руската полиција започнала интензивна потрага по убиецот. Според руските медиуми, Наџарјан бил значајна личност во Краснојарската област во Сибир, но и во Краснодар покрај Црното Море.
🇷🇺Russian mafia boss Arsen Nadzharyan, 55, gunned down by assassin in chemical protection suit.
— Engaging Topics (@EngagingTopics) April 14, 2025
Nadzharyan allegedly ran underworld operations in Siberia’s Krasnoyarsk region and Krasnodar on the Black Sea. pic.twitter.com/WhVNwGq6cw
Покрај активностите во подземјето, тој водел и успешен градежен бизнис. Локалните извори го опишуваат како „влијателен човек во светот на криминалот“.
Зголемување на мафијашките активности во Русија
Убиството доаѓа во време кога се бележи пораст на мафијашките активности во Русија, што се поврзува со економските притисоци предизвикани од војната на Владимир Путин против Украина и меѓународните санкции.
Оваа недела во Тбилиси, главниот град на Грузија, бил убиен е Леван Џангвеладзе (60), познат како „сивиот кардинал“ на руското криминално подземје.
Од друга страна водачите на руската мафија се поврзуваат и со безбедносниот апарат на Путин. Минатата година властите го ослободиле едниот од највлијателните мафијашки шефови во земјата, Шакро Молодој (72), чие вистинско име е Захариј Калашов. Тој наводно бил ослободен од затвор по барање на Владимир Путин.
Ослободен „Путин на мафијата“
Молодој, наречен „Путин на мафијата“, е познат по тоа што давал одобрувања осудени криминалци да учествуваат во војната против Украина. Тој бил уапсен во 2016 година, откако специјалните сили на ФСБ упаднале во неговата палата во Москва, проценета на 30 милиони фунти. Во тоа време се тврдело дека Путин бил загрижен за неговото влијание, вклучително и во полицијата и Министерството за внатрешни работи.
Некои набљудувачи тврдат дека насилството на криминалните кланови во Русија се враќа на нивото од 1990-тите. Нарачаните убиства, наводно, се удвоиле минатата година, што укажува на тоа дека на властите им е сè потешко да ја задржат контролата.
Според украинските податоци, девет од единаесет мафијашки шефови кои биле помилувани од Путин во замена за борба на фронтот загинале за време на војната. Овие криминалци, меѓу кои имало и осудени убијци, се согласиле да служат шест месеци на бојното поле,а само еден од нив ги преживеал тие шест месеци.