Пред речиси еден месец започнаа интензивни американски воздушни напади, под водство на претседателот Доналд Трамп, насочени кон бунтовниците Хути поради нивните напади врз бродови во водите на Блискиот Исток, како поддршка на палестинското движење Хамас во војната против Израел во Појасот Газа.
Според соопштението на Министерството за здравство на Хутите, објавено денеска, во нападите досега загинале над 120 лица.
❗️🇾🇪 Another $30+ million American drone down — Houthi spox
— SilencedSirs◼️ (@SilentlySirs) April 13, 2025
Yemen shoots the 19th US MQ-9 Reaper out of the sky — the 4th in just 14 days.
“We told them Yemen’s skies are not for sightseeing.” pic.twitter.com/cPlh6rbW8E
На снимката од сателитскиот канал на Хутите, Ал Масира, се гледаат пожарникари како гаснат голем пожар, за кој се тврди дека е резултат на воздушни напади. Улиците се покриени со урнатини, а може да се види како едно лице се изнесува од локацијата за која бунтовниците тврдат дека е фабрика за керамика во предградието Бани Матар, во главниот град Сана.
Централната команда на САД, која ги надгледува воените операции, не потврди дека нападите се извршени. Како што објави АП, ова е во согласност со нивната редовна практика. Командата во моментов има овластување од Белата куќа да извршува напади по сопствена проценка во рамките на кампањата што започна на 15 март.
Американската војска сè уште не дава информации за конкретните цели кои биле нападнати. Белата куќа соопшти дека досега се извршени околу 200 воздушни напади.
Одделно, Хутите во неделата соопштија дека собориле беспилотно летало МQ-9 Рејпер над јеменската гувернерија Хаџа, лоцирана на северозапад, блиску до Црвеното Море и границата со Саудиска Арабија. Воениот портпарол на Хутите изјави дека ова е четвртиот дрон што го собориле.
Овие дронови, кои чинат околу 30 милиони долари, можат да летаат на надморска височина над 12.100 метри и да останат во воздух повеќе од 30 часа. Американската војска и ЦИА ги користат овие летала со години, најпрво во Авганистан и Ирак, а сега и во Јемен.
Американската Централна команда потврди дека е запознаена со извештаите за соборувањето на дронот, но не даде дополнителни детали.
Новата американска кампања со воздушни напади започна откако Хутите се заканија дека повторно ќе почнат да ги напаѓаат израелските бродови, поради блокадата што Израел ја воспостави на хуманитарната помош за Газа. Хутите го дефинираат поимот „израелски брод“ многу широко, со што голем број трговски бродови стануваат потенцијални цели.
Од ноември 2023 година до јануари оваа година, Хутите нападнаа повеќе од 100 трговски бродови со проектили и беспилотни летала, потопија два и убија четворица морнари. Исто така, неуспешно нападнаа и неколку американски воени бродови.