Вработената како рефернт во Одделението за управни работи Куманово која одобрувала регистрација на возила без исполнување на техничките услови, го оштетила буџетот за 417.500 денари, соопшти МВР.
Според новите детали од полицијата за овој случај, вработената со иницијали М.П. издавала регистарски таблици и платливи обрасци без да им изврши наплата, односно без да и бидат приложени уплатници за извршена уплата или непосредно да изврши наплата преку службениот Пос Терминал со банкарската картичка.
„Пријавената М.П., иако била свесна и знаела дека не се исполнети законски пропишаните предуслови, несовесно постапила во вршење на своите овластувања и должности, без претходно да ја запази процедурата за регистрација на возила, со што нанела материјална штета на буџетот на МВР во износ од 417.500 денари“, соопшти МВР.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против М.П. поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и изрече задолжителна мерка за отстранување на работно место-суспензија до завршување на дисциплинската постапка.