Американскиот Сенат ја испрашува кандидатката за амбасадор во Хрватска: Дали следуваат санкции за Човиќ?

Точка

13/04/2025

15:00

3.408

Големина на фонт

а а а

Никол Мекгро сведочеше пред Сенатот пред нејзиното заминување за Хрватска, при што демократски сенатор се интересираше дали Драган Човиќ ќе биде санкциониран поради неговото блокирање на изградбата на гасоводот кон Босна и Херцеговина.

Кандидатката на Доналд Трамп за амбасадор во Хрватска, Никол Мекгро, сведочеше пред Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат. Ова е редовна процедура пред нејзиното официјално именување. Се очекува таа да пристигне во Загреб во мај или јуни.


За време на нејзиното сведочење, кое се одржа минатата недела, Мекгро одговараше на прашања поставени од сенаторите. Таа нагласи дека Хрватска е од голема важност за администрацијата на Трамп, особено во контекст на изградбата на гасоводот кон Босна и Херцеговина, познат како Јужна гасна интерконекција, кој моментално е блокиран од страна на Драган Човиќ.


Никол Мекгро беше дел од групата кандидати за амбасадори во Чиле и Ватикан, а нејзината излагање за плановите во Хрватска траеше околу пет минути.


Меѓу другото, таа најави дека ќе работи на поврзување на Хрватска и САД преку културата, како и преку зајакнување на инвестициите.


– Ќе се фокусирам на економската дипломатија, заштитата на американските граѓани и зајакнување на американското влијание. Наши приоритети ќе бидат хрватските пристаништа, телекомуникацискиот сектор и енергетиката – изјави Мекгро, додавајќи дека ќе се заложи за промоција на американското лидерство во регионот.


Таа нагласи дека Хрватска треба да го зголеми својот одбранбен буџет и да ја модернизира својата инфраструктура, со што, според неа, се отвараат можности за американските компании.


Сенаторката Џин Шахин, членка на Демократската партија, постави прашање поврзано со гасната интерконекција:

– Дали планирате да предложите санкции против Човиќ доколку продолжи со блокирањето на проектот Јужна гасна интерконекција? – ja праша таа кандидатката за амбасадор.


Мекгро одговори дека сè уште е приватно лице без пристап до службената документација, но дека ќе достави писмен одговор до Сенатот по детално разгледување на случајот.


Инаку, Никол Мекгро не е дипломат по вокација. Таа е уметница од Флорида и блиска соработничка на Трамп, кој ја опишува како успешна бизнисменка, колекционерка на уметнички дела и филантроп.