Агустин Ескобар трагично загина заедно со својата сопруга и трите деца кога нивниот хеликоптер се сруши во реката Хадсон за време на семејно патување во Њујорк.
Агустин Ескобар, висок функционер на шпанскиот огранок на технолошкиот гигант "Siemens", наводно е меѓу шестмината загинати во несреќата со хеликоптер што се случи во четвртокот.
Неговата сопруга, Мерсе Кампруби Монтал, и нивните три деца – на возраст од 4, 5 и 11 години – исто така ги загубија животите кога хеликоптерот се урна во реката Хадсон. Семејството од Барселона било на туристичко разгледување на Њујорк.
Пилотот, кој исто така загина, сè уште не е јавно идентификуван.
Њујоршката противпожарна служба примила повик околу 15:15 по локално време дека хеликоптер тип "Bell 306" се урнал во реката долж Менхетен. Неколку часа подоцна, градоначалникот Ерик Адамс потврди дека сите шест лица во леталото загинале.
Кој беше Агустин Ескобар?
Агустин Ескобар бил генерален директор на "Siemens Spain".
Студирал електротехничко индустриско инженерство на Универзитетот Понтифиција Комиљас. Во 2002 година завршил "MBA" на Универзитетот во Алкала, а во 2005 година и извршен "MBA" на бизнис школата "IE", според податоци од неговиот "LinkedIn" профил.
Во "Siemens" работел повеќе од 27 години. Кариерата ја започнал во 1998 година како менаџер за продажба и проекти во областа на автоматизација на енергетски системи во Шпанија. Со текот на годините преземал сè поголеми одговорности, раководел со различни деловни единици и добивал бројни признанија од компанијата. Работел и на проекти за инфраструктура за електрични возила низ југозападна Европа.
Во 2010 година се преселил во Њујорк, каде што бил задолжен за развој на меѓународниот бизнис во Северна Америка. Подоцна работел и во Богота, Колумбија, каде што управувал со повеќе од 1.300 вработени и три фабрики. Во 2016 година неговата дивизија беше прогласена за најуспешна во рамките на "Siemens" на глобално ниво.
Во 2018 година се вратил во Шпанија, каде што станал извршен директор на ""Siemens Rail Automation S.A.U". и "Siemens Mobility S.L.U.", водејќи големи железнички проекти со над 1.000 вработени.
Од 2019 до 2024 година бил генерален директор на "Siemens Mobility" за југозападна Европа, вклучувајќи ги Шпанија, Франција, Португалија, Италија, Холандија, Белгија, Грција и делови од Африка, со тим од над 3.000 луѓе.
Поранешниот претседател на САД Доналд Трамп изрази сочувство преку "Truth Social", пишувајќи: „Нека Бог ги благослови семејствата и пријателите на жртвите“ и додаде дека министерот за транспорт Шон Дафи ја истражува несреќата.
Шпанскиот премиер Педро Санчез ја нарече трагедијата „незамислива“ во објава на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер):
– Ја делам тагата со семејствата на жртвите во овој болен момент – изјави Санчез.