Историја без Албанци - Новата програма за седмо одделение ги исклучува од учебниците, реагираат од ДУИ

Макфакс

18/04/2025

12:44

1.407

Големина на фонт

а а а

Новата програма на Бирото за развој на образованието при Министерството за образование и наука за предметот „Историја и општество“ за седмо одделение претставува сериозен чекор назад и длабока навреда за Албанците во оваа земја, оценува ДУИ.

Овој документ, кој служи како основа за подготовка на учебниците, според партијата на Ахмети, целосно ги игнорира Албанците, нивната култура, историја и придонес во заедничката држава.

Додаваат дека во претходната програма, подготвена од претходната влада, јасно билоо наведено дека учениците треба да ја учат историјата на својот народ и на другите народи што живеат во државата.

„Се поттикнуваше свесноста за идентитетот, соживотот и меѓукултурната почит.

Во новата програма, сите овие содржини се избришани без никакво објаснување. Нема ниту еден збор за Албанците, ниту за нивната улога во историјата, културата или општеството.

Ова не е техничка измена – ова е политичка порака. Намерна одлука историјата да се прикаже како дело на еден народ, државата како едноетничка, а Албанците како да не постојат.


Ваквиот пристап не само што ги исклучува учениците Албанци од учебниците, туку создава чувство на отфрленост и неправда кај цели генерации“, велат од ДУИ.

Оценуваат дека историја и општество не можат да се изучуваат без еден од најважните народи што го сочинуваат оваа држава.

Според нив, програмата не само што ја ускратува можноста учениците Албанци да се препознаат себеси, туку директно ја поткопува идејата за соживот, еднаквост и взаемна почит.

Ги повикуваат надлежните институции да ја повлечат оваа како што ја нарекуваат еднострана и исклучувачка програма и да се вратат на пристап што ќе го одразува вистинскиот историски и општествен мозаик на Република Северна Македонија.

„Албанците не се невидливи – не во минатото, не во сегашноста, и не смеат да бидат исклучени од ниту една страница на нашата заедничка историја“, нагласуваат од ДУИ.