Бројот на посетители веќе е ограничен на 1.100 луѓе дневно, но новиот систем би можел да стапи на сила веќе во јули.
Прилично е фрустрирачки кога ќе пристигнете рано на плажа за да заземете поубаво место, но забележувате дека и многу други ја имале истата идеја. Во Италија ова е честа појава – пренатрупаноста сè уште е проблем на туристичките атракции, пешачките патеки и плажите.
Иако од 2020 година, бројот на посетители на плажата Туереда на Сардинија е ограничен на 1.100 луѓе дневно, локалните власти најавиле дополнителни контролни мерки.
Оваа плажа, која се наоѓа во заливот во близина на градот Теулада на јужниот брег на Сардинија, е позната по својот блескав бел песок и форма на полумесечина. Меѓутоа, доколку планирате да ја посетите ова лето, ќе морате однапред онлајн да резервирате место. Според Ангел Милија, градоначалник на Теулада, кој зборувал за локалните медиуми, планот е апликацијата за резервација да биде готова до јули.
Оваа мерка е само една од многуте за кои било дискутирано на кризниот самит одржан минатата недела во Амалфи. Градоначалниците на туристичките градови низ Италија – вклучувајќи ги Капри, Позитано, Курмајер, Чинке Тере и Таормина – се собрале да разговараат за растечкиот проблем со прекумерниот туризам.
Според „Телеграф“, многу градоначалници бараат поголема слобода во воведувањето рестрикции за туристите во најфреквентните периоди, можност за наплата на такси, како и поголема улога во координацијата на сообраќајот.
На самитот било изразено незадоволството од бавниот одговор на националната влада во решавањето на проблемот со пренатрупаноста, а како важен заклучок била истакната потребата од подобра соработка меѓу локалните власти и сообраќајните служби.
Но, зошто пренатрупаноста е толку голем проблем? Имено без разлика дали се работи за плажи или градови, гужвите можат да доведат до нарушување на животната средина потиснување на локалното население, пишува „Travel and Tour World“.