"YouTube" е една од најпопуларните видео-платформи во светот, а нејзиниот главен извор на приходи се, секако, рекламите.
Сепак, за оние на кои рекламите им го „креваат притисокот“ додека гледаат омилени видеа, "YouTube" воведе експериментална функција, која им овозможува на "Premium" корисниците да споделуваат 10 видеа месечно без реклами.
Како функционира?
Кога некој кликне на споделениот линк за видео без реклами, ќе може да го изгледа целиот клип без ниту една реклама. Единствениот услов е да биде најавен на својот Google профил.
Оваа функција во моментов се тестира во Канада, Мексико, Аргентина, Бразил, Турција и Велика Британија. Според "YouTube", функцијата е достапна само за „ограничен период“, но постои можност да се прошири и на повеќе корисници во иднина.
Една мала „замка“
Иако оваа опција им овозможува на корисниците што немаат "Premium" претплата да гледаат одредени видеа без реклами, сепак постојат некои ограничувања.
Корисникот што го прима линкот мора да биде во земја каде што "YouTube Premium" е достапен. Дополнително, некои видеа не можат да се споделуваат во оваа форма – меѓу нив се "YouTube Originals", "Shorts", "Livestreams' и филмови/тв-емисии.
Секое споделено видео може да се изгледа до 10 пати без реклами, без разлика на бројот на луѓе што го добиле линкот.
Иако оваа функција е сè уште во тест-фаза, "YouTube" на својата страница за поддршка најавува дека постои можност во иднина да стане достапна за поширок круг корисници.