[ВИДЕО] „Rimac“ го претстави роботаксито „Verne“ – „Внатре има повеќе простор од голем „Mercedes“

Точка

28/03/2025

15:56

2.125

Големина на фонт

а а а

Хрватскиот стартап „Verne“, кој развива екосистем за урбана автономна мобилност, соопшти дека ги интензивира активностите во клучните области на проектот, вклучувајќи ги и тестирањата на услугата и автономниот систем за возење во Загреб.

Од „Verne“ денес информираа дека е во тек одобрувањето на верификациските прототипови на возилата, што е еден од чекорите предвидени во Националниот план за закрепнување и отпорност. Секој прототип тестира специфични делови, технологии и системи на возилото – вклучувајќи ги перформансите на погонскиот систем, сопирачките, аеродинамиката, сензорите, мултимедијалниот систем во возилото и други клучни компоненти.

„Verne“ нуди повеќе простор од луксузните лимузини

Мате Римац објави видео на „YouTube“ во кое го претстави „Verne“ роботаксито.

„Имаме огромен отвор за влез во автомобилот. Внатре има повеќе простор отколку во кое било друго возило, дури и во големите лимузини. Некој голем „Mercedes“ или „Rolls-Royce“ има помалку простор за патниците“, изјави Римац.

„Патникот може и да го спушти седиштето. На екраните ги има сите свои услуги: својот „YouTube“, својот „Netflix“, својот „Spotify“. Многу удобно и пријатно место за поминување време, било за работа, одмор или едноставно за безбедно патување од точка А до точка Б“, додаде тој.

„Verne“ со преку 500 часа тестирање за мапирање на Загреб

Извршниот директор на „Verne“, Марко Пејковиќ, истакна дека компанијата го започнала процесот на одобрување на прототиповите, но дека дел од возилата сè уште се во фаза на изработка.

„Моментално е во процес на одобрување првата серија возила. Важно е да се напомене дека сите 60 прототипови ќе бидат верифицирани од Република Хрватска пред поднесувањето на барањето за исплата од Европската комисија. Овие прототипови не се наменети за крајните корисници, туку исклучиво за техничка евалуација и демонстрација на одредени компоненти, со присуство на безбедносни возачи“, објасни Пејковиќ.

Во соработка со технолошкиот партнер „Mobileye“, „Verne“ од јуни минатата година спроведува тестирања на автономниот систем за возење на загрепските улици.

Досега, тестните автономни возила со безбедносни возачи поминале низ најраздвижените делови од градот, вклучувајќи го центарот на Загреб, Нови Загреб и загрепскиот аеродром. Тестирањата покриваат вкупна површина од околу 90 квадратни километри.

За целосно мапирање на Загреб беа потребни преку 500 часа возење и повеќе од 11.700 изминати километри во сите временски услови. Од почетокот на оваа година, тестирањата се проширени и на корисничката апликација за нарачување возење, како и на административниот портал за следење на флотата возила.

Градбата на фабриката „Verne“ е во завршна фаза

Наесен, „Verne“ значително ќе го зголеми опсегот на тестирања, а ќе се зголеми и бројот на тестни автономни возила.

Пејковиќ нагласи дека брзо напредува изградбата на фабриката за автономни електрични возила во Лучко, која започна на почетокот на оваа година.

На новата индустриска локација од 10 хектари – „VGP Park Zagreb“, веќе е завршена темелната конструкција на фабриката од 28.500 квадратни метри.

Веќе се поставени сите носечки столбови и 95% од кровните греди, а почетокот на април ќе стартува и инсталацијата на кровниот покрив.

По завршувањето на изградбата, фабриката ќе биде опремена со најсовремена технологија за производство, склопување и тестирање на автономни возила. Планот е во неа да се отворат до 400 нови работни места.

Целта е „Verne“ возилата да се произведуваат во загрепската фабрика и да се извезуваат на глобалните пазари.