Паркинг место во САД се продава за 750.000 долари

Точка

26/03/2025

22:40

2.096

Големина на фонт

а а а

Во Бостон, каде што цените на недвижностите одамна достигнаа астрономски нивоа, ни паркинг местата не се исклучок.

Најскапото паркинг место во Бостон пред две години беше продадено за 500.000 долари. Се наоѓа во гаражата "Brimmer Street", во елитната населба "Beacon Hill", а покрај самото паркирање, понудата вклучува "valet" услуга, полнење гориво, миење возила и целосна "concierge" услуга.

Со димензија од 2,7 × 5,5 метри, паркингот моментално повторно е на продажба, но сега цената е зголемена за 50% во однос на претходната продажба и изнесува неверојатни 750.000 долари.


Агентот верува дека цената е оправдана

Според агентот за недвижности Рене Родригез од агенцијата "Cabot & Company", цената е реална, бидејќи ова паркинг место нуди многу повеќе од само бетонски простор, пренесува "The Sun".

„Ова е ексклузивно "valet" паркинг место, гаражата е секогаш под надзор, а во секој момент тука работат шест до седум вработени“, изјави тој за "NBC Boston".

„Ако поседувате куќа вредна 15 милиони долари која нема паркинг, ова значително ја зголемува нејзината вредност. А таа вредност нема да падне – на "Beacon Hill" не се градат нови паркинг места, па затоа сметам дека ова е паметна инвестиција за луѓето кои живеат тука“, додаде Родригез.


Од 7.500 до 750.000 долари – како цените вртоглаво пораснаа

Паркинг местата во гаражата "Brimmer Street" првпат биле ставени на продажба во 1970-тите, по цена од околу 7500 долари.

До 2013 година, цената скокнала на околу 300.000 долари, а една деценија подоцна неколку паркинг места се продадени за 500.000 долари.

Сега, со цена од 750.000 долари, овој паркинг простор е еден од најскапите во Бостон, а агентите очекуваат дека цените ќе продолжат да растат.