Протече планот на ЕУ за случај на војна и катастрофа: „Направете резерви за најмалку 72 часа“

Точка

26/03/2025

22:41

2.930

Големина на фонт

а а а

Европската комисија планира да ги предупреди граѓаните да бидат подготвени да си обезбедат храна и основни потреби најмалку 72 часа во случај на криза, покажал нацртот на Стратегијата за приправност на ЕУ во која имал увид Политико. „Во случај на сериозни нарушувања, почетниот период е најкритичен“, стои во документот, кој предвидува сценарија како што се војна, сајбер напади, заразни болести и поплави предизвикани од климатските промени.

Пет години по првите „локдауни“ поради Ковид-19 пандемијата и три години од почетокот на руската инвазија врз Украина, додека заканите од природни катастрофи и економски шокови продолжуваат, новата стратегија доаѓа во момент кога Европа се чини дека се движи од една во друга криза.

„Ниту една од големите кризи во последниве години не беше изолирана или краткотрајна. Европа повеќе не може да си дозволи да реагира само кога ќе се појават проблеми“, било истакнато во документот.


Потпретседателката на Европската комисија Роксана Минзату планира да ја претстави стратегијата оваа среда. Таа изјави за Политико: „Време е да го поправиме покривот додека сè уште грее сонцето“, додавајќи дека Комисијата сака да им помогне на граѓаните – и тоа на ниво на секое домаќинство. Според нацртот, стратегијата треба да создаде „безбедна и издржлива Европска унија која ќе има капацитет да предвидува и да управува со заканите и кризите, без оглед на нивната причина или извор“.

Како дел од планот, на земјите-членки ќе им бидат дадени препораки за тоа како да планираат кризни ситуации, да складираат основни резерви, да обезбедат засолништа и да ја заштитат критичната инфраструктура – и на земјата и во вселената. Стратегијата доаѓа само неколку недели по првата заедничка европска одбранбена стратегија. Комисијата вели дека е „крајно време“ да се зајакне подготвеноста на сите нивоа и во сите сектори.

Сајбер закани и геополитички конфликти

Подготовката за војна и безбедносни закани игра клучна улога. Иако стратегијата не воведува нови одбранбени политики, таа повикува на пристап што го користат нордиските земји, каде што целото општество – граѓаните, институциите и економијата – се вклучени во одбраната.

Стратегијата се заснова на заклучоците од таканаречените „Niinistö“ извештаи кои предлагаат зајакнување на одбранбената и цивилната подготвеност на ЕУ. Конфликтите не се само воени – сајбер заканите стануваат сè посериозни. Нацрт-стратегијата предупредува дека Европа мора да биде поподготвена за сајбер напади. Од почетокот на војната во Украина, Русија значително ги зголеми своите активности во сајбер-просторот, особено со напаѓање на енергетската инфраструктура.


Нападите се особено чести во источните земји-членки на ЕУ, додека покрај Русија, како закани се наведуваат и Кина, Иран и Северна Кореја. Хибридните и сајбер нападите поддржани од државата „станаа постојан дел од реалноста“, пишува во документот.

Еден од клучните предлози е воспоставување на европски систем за рано предупредување за сајбер заканите што би го подобрил следењето и одговорот на заканите. Стратегијата предвидува и дигитална едукација, особено за земјите кои сакаат да влезат во ЕУ, како и поголема употреба на таканаречената сајбер дипломатија и соработка со НАТО.


Приватниот сектор, исто така, има своја улога – не само во споделувањето информации, туку и во стратешкото планирање, предвидувањето на ризикот и обуката на вработените. „ЕУ мора да ја охрабри соработката на јавниот и приватниот сектор во стратешки области како што е сајбер безбедноста и да ги усогласи потребите на пазарот на труд со образовните програми“, стои во нацртот.

Одбраната не е единствената закана – природните катастрофи стануваат сè почести

„Подготовката не се однесува само на војна“, рече Минзату. „Се работи и за тоа како реагираме на поплавите – погледнете што се случи во Шпанија“, додаде таа, потсетувајќи на минатогодишните разорни поплави во таа земја во кои загинаа стотици луѓе.

Многу граѓани не знаат како да реагираат во вакви ситуации, посочи таа. „Сите видови кризи бараат барем основни вештини – знаење што да се направи прво“, нагласи Минзату. Поради тоа, стратегијата предлага создавање на европска политика за складирање која ќе вклучува ресурси за итни случаи, медицински материјали, критични суровини, енергетска опрема и – каде што е потребно – храна и вода. Нацртот предвидува комбинација на централизирани акции на ЕУ и придонеси од земјите-членки.


Ќе биде претставена и специфична стратегија за зајакнување на медицинските контрамерки против заканите по јавното здравје, која ќе биде надополнета со резервите предвидени во новиот Закон за критични лекови.


Комисијата планира дополнително да ја зајакне кризната координација преку создавање на центар за координација на кризи, кој ќе се надоврзе на постоечкиот Координативен центар за одговор при итни случаи (ERCC). Новиот центар ќе го следи развојот на кризи, ќе обезбедува оперативна поддршка на службите на терен и ќе го надгледува одговорот на кризни ситуации.

Подготовка за иднината: Закон, финансии и образование

Додека некои членки на ЕУ сакаат да инвестираат повеќе во одбраната, други предупредуваат на важноста на климатските закани. Минзату тврди дека тоа се две страни на иста монета. „Не можете да имате безбедност, ниту одбранбено способна ниту зелена Европа, без добра подготовка. И не можете да имате подготовка ако ги игнорирате климатските цели на ЕУ“, порача таа.

За поголема отпорност ќе биде потребна и поголема флексибилност во користењето на средствата. Комисијата предлага да се ревидираат финансиските инструменти за кризни ситуации за да се приспособат на променливите околности и да се овозможи побрз одговор. Исто така, планира да вклучи подготвеност во надворешните инвестиции, особено преку зајакнување на проектите за адаптација на климатските промени во партнерските земји.


Планот е да се подготви нов законодавен пакет кој ќе постави јасни стандарди и долгорочни цели за општествената отпорност. „Комисијата ќе ја разгледа потребата и можноста за усвојување на Закон за подготвеност на ЕУ што ќе ја зајакне отпорноста на клучните општествени функции преку заеднички стандарди и мерливи цели“, се наведува во документот.

Подготвеноста и безбедноста ќе бидат вклучени во европското законодавство, политики и програми. Стратегијата наведува 30 клучни мерки во седум тематски области – вклучувајќи цивилно-воена соработка, јавно-приватно партнерство и едукација на граѓаните.

Додатокот на документот содржи околу 60 конкретни активности кои треба да се спроведат во следните две години – од зголемено следење на лажните вести, процена на подготвеноста на финансискиот сектор до вклучување на содржини за подготвеност во наставните програми – сето тоа веќе во текот на оваа година.