Двајца туристи кои биле во посета на „Chichén Itzu“,градот на Маите на полуостровот Јукатан во Мексико решиле да ги прекршат правилата и да се искачат на култната пирамида Ел Кастиљо. Тие успеале да го избегнат обезбедувањето и почнале да се качуваат по скалите на античката градба. Другите посетители почнале да викаат и да свиркаат, меѓу кои и локалните жители кои реагирале многу гневно.
Еден од туристите кои се искачиле на пирамидата бил 38-годишен Германец, кој бил физички нападнат од толпата. „Mexico News Daily“ пренесе дека го удриле во главата и тој почнал да крвави. Наводно, некои луѓе извикувале дека треба да се жртвува – алудирајќи на човечките и животинските жртви што некогаш ги принесувале Маите на врвот на пирамидата.
Ситуацијата ескалирала до тој степен што персоналот на Националната гарда и работниците од Националниот институт за антропологија и историја биле нападнати додека се обидувале да го заштитат прекршителот од бесната толпа.
Сличен инцидент се случил и во 2022 година
Инцидентот многумина ги потсетил на ситуацијата од 2022 година кога една жена која се искачила на пирамидата била исвиркана. Иако тоа бил знак веднаш да застане, таа сепак дрско продолжила да чекори кон врвот на пирамидата. На крајот, таа заиграла и ѝ мавтала на толпата.
Watch on TikTok
По нејзиното спуштање, ја пречекале гневни посетители, кои побарале казна за она што го направила. „Затвор, затвор, затворете ја, нека се жртвува, оваа жена не ги почитува правилата“, извикувала толпата, а на крајот ја испрскале со вода додека си заминувала.
Интересни факти за пирамидата
Пирамидата Ел Кастиљо е една од најпознатите и највпечатливите градби на полуостровот Јукатан и еден од најважните споменици на античката цивилизација на Маите. Ел Кастиљо е висок 24 метри, а вкупната висина на пирамидата, вклучувајќи ја и основата, достигнува околу 30 метри. Се состои од девет скалести платформи, кои според верувањето на Маите ги симболизираат деветте светови.
На врвот од пирамидата се наоѓа астрономска опсерваторија, до која се пристапува преку четири скалила со вкупно 364 скали, а 365-та скала е последната што води до горната платформа.
Името Ел Кастиљо значи „замок“, но градбата е позната и како пирамида Кукулкан, по божеството кое го обожувале Маите. Кукулкан е божество поврзано со змијата и владеењето на дождот, плодноста и животот.
На врвот од пирамидата се наоѓа храм посветен на Кукулкан. Меѓутоа под пирамидата бил пронајден уште еден дел од храмот, кој бил скриен под поголем слој. Кога истражувачите ја откриле оваа внатрешна структура во 1920-тите, пронашле скулптури кои го прикажуваат Кукулкан во форма на змија.
Казни
Качувањето на пирамидата Ел Кастиљо (или која било друга пирамида на светското наследство на УНЕСКО, вклучувајќи ги и оние во „Chichén Itzu“) е забрането од 2006 година заради зачувување на структурата и безбедноста на посетителите. Казните за искачување на пирамидата можат да бидат многу сериозни и да опфаќаат неколку аспекти.
Прекршителите можат да бидат парично казнети според мексиканскиот закон за археолошки, уметнички и историски споменици (закон за културно наследство). Казните можат да се движат од неколку илјади до десетици илјади американски долари, во зависност од тежината на прекршувањето.
Лицата кои не ја почитуваат забраната за искачување на пирамидите можат да се соочат со можност за затворска казна, особено ако предизвикале оштетување на спомениците или покажале агресивно однесување кон безбедносните служби или другите посетители. Во некои случаи, прекршителите можат да бидат исфрлени од локацијата и да добијат забрана за идна посета на „Chichén Itzu“ и други слични археолошки локалитети.