Репрезентацијата на Аргентина излезе како победник од големото дерби со Бразил кое рано утрово се одигра на „Монументал“ во рамките на јужноамериканските квалификации за пласман на Светското првенство кое наредната година ќе се игра до САД, Мексико и Канада.
Бразилците и пред се Рафиња најавуваа позитивен резултат и триумф против актуелниот светски шампион, но „кариоките“ беа очајни на „Монументал“, испратија само еден директен шут кон голот на Мартинез, шут кој дојде по катастрофалната грешка на Ромеро и украдената топка на Куња кој ја смести во мрежата на домаќините во 26 минута за 2-1 во тие моменти.
Домаќините имаа фуриозен старт и веќе по 12 минути игра водеа со 2-0 со погодовите на Алварез и Фернандез. Мекалистер во 37 минута зголеми на 3-1, додека во вториот дел нововлезениот Симеоне го постави конечниот резултат.
Со ова Аргентинците на најдобар можен начин го прославија билетот за Мундијало кој официјално беше обезбеден пред овој меч со ремито на Боливија и Уругвај.
На останатите средби Чиле и Еквадор ремизираа без голови, Венецуела го доби Перу со 1-0, а Колумбија не успеа да слави над Парагвај иако има водство од 2-0 (2-2).