„Ја научи лекцијата, тој е добар човек“: Прво огласување на Трамп по протекувањето на шокантниот воен план!

Точка

25/03/2025

20:00

4.345

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го поддржува советникот за национална безбедност Мајкл Волц, откако главниот уредник на „Атлантик“, Џефри Голдберг, случајно бил додаден во приватен разговор на високо ниво на апликацијата за пораки „Сигнал“, каде што се дискутирало за воени планови.

„Мајкл Волц ја научи лекцијата, и тој е добар човек“, изјави Трамп во телефонско интервју за NBC News.

Трамп додаде дека, иако уредникот на „Атлантик“ ненамерно бил вклучен во приватен разговор за воени планови, неговото присуство „немало влијание“ врз воените операции во Јемен.

„Тоа беше еден од контактите на Мајкл во телефон. Едно службено лице го имаше неговиот број“, објасни американскиот претседател, одговарајќи на прашањето како Голдберг бил додаден во разговорот на „Сигнал“.


Трамп нагласи дека има доверба во својот тим и истакна дека „не е фрустриран“ од околностите што доведоа до приказната во „Атлантик“.

„Ситуацијата беше единствениот пропуст за два месеци и се покажа дека не е сериозна“, оцени тој.

Прес-секретарката на Белата куќа, Керолајн Левит, исто така, во вторникот изјави дека не се разговарало за воени планови, дека „не бил испратен доверлив материјал“ и дека Белата куќа обезбедила насоки за користење на различни комуникациски платформи за највисоките претставници на администрацијата, со цел комуникацијата да биде „што е можно побезбедна и поефикасна“.


„Како што соопшти Советот за национална безбедност, Белата куќа истражува како бројот на Голдберг ненамерно бил додаден во групата“, додаде таа.

Таа истакна и дека Голдберг е познат по „сензационалистичкото известување“.

„Фокс њуз“ претходно објави, повикувајќи се на неименуван извор, дека Трамп не планира да го отпушти својот советник за национална безбедност по инцидентот со протекувањето на воените планови.


Извор близок до претседателот изјави за „Фокс њуз“ дека позицијата на Волц е „безбедна и тој не е под никаква закана“.

Истовремено, изворот додаде дека Волц не планира да поднесе оставка и го следи својот распоред за денешниот ден.

„Тој ќе разговара за договорот за примирје во Црното Море со својот руски колега и планира да се сретне со Трамп како и обично подоцна во вторник“, истакна изворот.


Волц изјави дека никогаш не се сретнал, ниту разговарал со главниот уредник на „Атлантик“, Џефри Голдберг. Според информациите на „Фокс њуз“, бројот на Голдберг бил додаден во групата од вработен во администрацијата на Трамп.

Случајното протекување на воени планови, при што новинар бил вклучен во групен разговор на интернет, предизвика сериозна дискусија во Белата куќа, доведувајќи ја во прашање иднината на кариерата на советникот за национална безбедност Мајкл Волц, објави американскиот „Политико“.

Според изјави на високи функционери, инцидентот вклучувал откривање на американските планови за напад врз Јемен на 15 март во групен разговор меѓу највисоките претставници на американската администрација преку апликацијата за пораки „Сигнал“, во кој, наводно, по грешка бил вклучен и уредникот на „Атлантик“.