Андреа Кереш, попозната како вероучителката која пропагира вера на социјалните мрежи, одговори на деновиве најчесто поставуваното прашање - Што ако се омрсам?
Велигденскиот пост, познат уште и како свет пост, годинава започна на 3 март и трае до 19 април. Тоа е најдолгиот и најстрогиот пост во православната традиција, кој верниците го одбележуваат како подготовка за најголемиот христијански празник Велигден.
Велигденскиот пост трае 48 дена, а голем број верници одлучуваат целиот пост да го почитуваат според црковните правила. Меѓутоа, прашањето „што ако се омрсам“ често останува неодговорено.
Андреа Кереш, попозната како „verouciteljka“ на социјалната мрежа Инстаграм, одговори на ова прашање кое секој од нас барем еднаш си го поставил – „Што ако се омрсам?“.
„Дали треба да продолжам да постам ако се омрсам? Дали треба да станеш кога ќе паднеш? Не е реално сите да постат совршено, ниту пак постои совршен пост затоа што никој од нас не е совршен. Ќе паднеме и надвор од постот и за време на постот, и тоа е човечки. Што ќе правиме кога ќе паднеме? Тоа е вистинското прашање. Дали ќе се откажеме или ќе ја продолжиме борбата? Ако се откажеме, тогаш борбата била залудна, но ако продолжиме веќе сме победници иако претходно сме паднале. Ова што ви го кажувам не треба да го користите за потсвесна манипулација кога сте во искушение да се омрсите со храната или на кој било друг начин, да имате изговор 'човечки е, ќе си каснам па ќе продолжам', затоа што Бог не сака да бидеме лицемерни, туку искрени. Не сака да постиме ако самите не сакаме и не ја разбираме смислата бидејќи на Бога не му е потребен нашиот пост туку нам“, порачала вертоучителката на објавеното видео.
„Се разбира дека треба да продолжите (ако веќе сакате да постите), и тоа не 'од утре' или 'од понеделник', туку веднаш. Постот е борба во која учиме да стануваме кога ќе паднеме и никој не очекува да бидеме совршени, туку да го дадеме нашиот моментален максимум. А, кога на тој пат грешиме (за време или надвор од постот), имаме исповед ако искрено се покаеме и сакаме да се промениме. Секако, во зависност од тоа колку и како 'паѓаме', треба да разговараме со свештеникот ако сакаме да се причестиме, бидејќи можеби ќе треба прво да одиме на исповед“, заклучила Андреа.