„Sentry Mode“ користи камери и сензори на автомобилот за да детектира и снима сомнително однесување во околината.
Компанијата "Tesla" ги засили безбедносните мерки во своите продажни салони по брановите на вандализам и протести насочени против Илон Маск и компанијата, изјави самиот Маск, кој исто така е советник на претседателот Доналд Трамп.
„Компанијата ја зголеми безбедноста и го активираше "Sentry Mode" на сите возила во продавниците“, објави Маск на платформата "X".
Што е тоа „стражарски режим“?
„Sentry Mode“ (стражарски режим) користи камери и сензори на автомобилот за да детектира и снима сомнително однесување во околината.
Во упатството за "Model 3" пишува: „Sentry Mode е интелигентен безбедносен систем кој ве предупредува на можни закани во близина.“
"Tesla" објави дека секој нејзин автомобил има најмалку седум камери.
"Tesla" автомобилите се мета на напади ширум светот
Вандали последниве недели ги нападнаа продажните салони на "Tesla", складиштата на возила, полначите, но и приватните автомобили ширум САД и во некои други делови на светот.
Покрај тоа, компанијата "Tesla" беше исфрлена од меѓународниот саем за автомобили во Канада поради безбедносни причини.
Полицијата во Онтарио истражува серија напади во кои се оштетени речиси 80 возила – автомобилите биле изгребани, а гумите избушени.
Тројца Американци обвинети за „домашен тероризам“
Тројца Американци сега се соочуваат со федерални обвиненија за нападите на објекти на "Tesla" во три американски држави, соопшти министерот за правосудство Пам Бонди.
„Ако се приклучите на овој бран на домашен тероризам против "Tesla", Министерството за правосудство ќе ве испрати зад решетки“, изјави Бонди.
Tesla has ramped up security and activated Sentry Mode on all vehicles at stores https://t.co/3HwUgE8ZoF
— Elon Musk (@elonmusk) March 20, 2025
Маск на чело на владината служба, нацртана мета на "Tesla"
Овие напади доаѓаат во момент кога Маск ја води Службата за ефикасност на владата (Department of Government Efficiency – DOGE), чија цел е радикално намалување на државната потрошувачка.
За време на првиот мандат на Трамп, неговите хотели и недвижности беа честа мета на протести. Сега, во вториот мандат, изгледа дека тука улогата ја презела компанијата "Tesla".
Маск и понатаму ги води компаниите "Tesla", "X", "SpaceX" и други, додека истовремено советува претседателот Трамп.