[ВИДЕО] Познатиот актер со трогателно обраќање кон фановите: „Ракот ми ги одзеде сите улоги што ги имав во мојот живот“

Точка

19/03/2025

21:52

7.541

Големина на фонт

а а а

Познатиот актер Џејмс Ван Дер Бик, најпознат по улогата во серијата „Dawson’s Creek“, ја отвори својата душа и искрено проговори за неговата борба со ракот на дебелото црево во трет стадиум. На својот Инстаграм профил 48-годишниот актер ги споделил тешките моменти низ кои минувал, но и важната животна лекција која ја научил.

Џејмс во ноември 2024 година открил дека му бил дијагностициран рак на дебелото црево. Тој првично ја сподели веста со магазинот „People“, велејќи дека се борел со дијагнозата приватно, со поддршка од сопругата и децата. „Имам колоректален карцином. Тивко се справував со таа дијагноза и преземав чекори за да го решам тоа, со поддршка од моето неверојатно семејство“, изјавил тогаш Џејмс. „Постои причина за оптимизам и се чувствувам добро.“


Недолго откако јавно ја обелоденил својата борба, тој признал дека бил принуден да излезе во јавноста порано отколку што планирал, бидејќи медиумите веќе подготвувале приказна за неговата болест.

Тој и неговата сопруга имаат шест деца

Сега, неколку месеци подоцна, повод неговиот 48-ми роденден, Ван Дер Бик открива како изминатата година му била најтешката во животот. Тој и неговата сопруга Кимберли имаат шест деца: Оливија (14), Џошуа (13), Анабел (11), Емилија (8), Гвендолин (6) и Џеремаја (3). Токму поради нив најмногу го погодило тоа што повеќе не можел да биде сопруг или татко каков што бил пред болеста.


„Ова беше најтешката година во мојот живот“, признал тој и додал: „Кога бев помлад се дефинирав себеси преку актерството, но тоа никогаш не ме исполни. Потоа станав сопруг, што беше подобро, а кога станав татко, тоа беше она вистинското“. Џејмс се потсетил дека со години се дефинирал како одговорен и силен сопруг, татко и чувар на неговото семејство. Но болеста, како што вели, му ги одзела сите тие улоги.


„Не можев да му помагам на моето семејство“

„Повеќе не можев да ѝ помагам на сопругата. Не можев да бидам татко кој ги воспитува децата, ги теши, ги заспива. Не можев да работам, ниту да се грижам за земјата, бев премногу слаб дури и да ги поткаструвам дрвјата во вистинско време.“

Како што физички слабеел, соочен со сопствената смртност, Ван Дер Бик вели дека се запрашал кој е тој всушност кога сè му било одземено.


„Ако сум само слаб, кревок човек, сам во станот, болен од рак – што сум јас тогаш?“, актерот бил искрен во видеото. Одговорот го нашол, како што вели, во едноставна мисла: „Јас сум достоен за Божјата љубов само затоа што постојам. И ако сум вреден за Неговата љубов, тогаш би требало да бидам вреден и за сопствената“.

Сè уште се лекува


Џејмс додал дека верува како молитвите и љубовта што другите му ги испратиле му помогнале да дојде до тоа спознание. „Ако зборот Бог ве кочи, исфрлете го. Само кажете си: ’Јас сум достоен/на за љубов‘. Затоа што сте“.