Кинезите ја создадоа најмоќната шпионска камера: Човечки лица видливи од Вселената

Точка

19/03/2025

16:19

1.038

Големина на фонт

а а а

Кинеските научници развија нови камери засновани на ласерска технологија, кои овозможуваат снимање со милиметарска резолуција на растојание поголемо од 100 километри.

Ова револуционерно достигнување, кое е дел од сателитски систем, претставува подобрување на перформансите дури 100 пати во однос на постојните шпионски камери и традиционалните телескопи, се наведува во извештајот објавен од „Саут Чајна морнинг пост“.


Покрај широкиот спектар на можни примени, оваа технологија овозможува досега невидена прецизност во надгледувањето на странски сателити. Научниците од Кинеската академија на науки, кои работат во Институтот за истражување на вселенски информации, ги објавија своите наоди во списанието „Чајнис журнал од лејсерс“.

Кинеските истражувачи ја тестирале оваа технологија на езерото Ќингхај, во северозападниот дел на земјата, користејќи систем заснован на вид на ласерски радар (SAL), кој овозможува снимање на дводимензионални и тродимензионални слики.

SAL го користи движењето на сателитот за да генерира слики со поголема резолуција во однос на традиционалните радарски системи со скенирачки зрак, пишува „Лајв саенс“.


За време на експериментот, системот бил насочен кон низа рефлектирачки призми поставени на растојание од 101,8 километри, при што успешно детектирал детали со големина од само 1,7 милиметри, додека прецизноста на мерењето на растојанието изнесувала 15,6 милиметри.

Ова претставува огромен технолошки напредок во однос на претходните резултати, како експериментот што во 2011 година го спроведе американската компанија „Lockheed Martin“, каде што беше постигната резолуција од два сантиметра, но на растојание од само 1,6 километри. Исто така, во претходни кинески тестирања беше постигната резолуција од пет сантиметри на растојание од 6,9 километри.


Важно е да се напомене дека тестовите биле спроведени во идеални временски и атмосферски услови, со стабилен ветер и минимална облачност. Лошите временски услови или намалената видливост би можеле значително да влијаат на прецизноста и доверливоста на овој систем.